Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска присуствуваше на големата воена парада во Пекинг, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. На настанот, Кина претстави дел од најновото оружје во својот арсенал.
Ракети
Пекинг по првпат ја претстави својата нуклеарна „тријада“ – ракети способни да носат нуклеарни боеви глави и да се лансираат од море, копно и воздух. Меѓу нив се наоѓаа воздушно базираната ракета со долг дострел „Џинлеј-1“, интерконтиненталните ракети што се лансираат од подморници „Џулан-3“, како и копнените интерконтинентални ракети „Дунфенг-61“ и „Дунфенг-31“.
„Дунфенг-5С“, прикажана денеска, претставува најново достигнување на кинеската ракетна програма, започната во 1970-тите години.
На парадата беа демонстрирани и противбродски хиперсонични ракети, кои во минатото биле тестирани на симулации на американски носачи на авиони. Меѓу нив се „Јинџи-19“, „Јинџи-17“ и „Јинџи-20“.
Присутни беа и крстосувачки ракети „Чангџианг-20А“, „Јинџи-18С“, „Чангџианг-1000“, како и други хиперсонични ракети – „Јинџи-21“, „Дунфенг-17“ и „Дунфенг-26Д“.
Ласерско оружје
Кина прикажа и развој на ласерски оружја наменети за одбрана од дронови. Спектарот на овие системи опфаќа реактивни системи за баражно лансирање, високоенергетски ласери и моќни микробранови оружја. Државните медиуми ги оценија како „тријада“ за борба против дронови.
Дронови
На воената парада беа претставени дронови што можат да дејствуваат и под вода и во воздух, наменети за извидување и напади. Исто така, беа демонстрирани и беспилотни хеликоптери, дизајнирани за лансирање од бродови.
Морските системи вклучуваа подморници, воени бродови и системи за поставување мини.