Етнолошко-документарниот филм „Хембој“, во продукција на Музејот на Македонија, авторство на етнологот Елизабета Конеска, ја освои Гран при наградата од публиката за најдобар документарен филм на TEФ Фест Крк 2025 — меѓународен фестивал за туристички и етно филмови, кој се одржува на островот Крк во Хрватска. Филмот триумфираше меѓу 72 селектирани остварувања од вкупно 127 пријавени од целиот свет.
Како што наведуваат од Културно-информативниот центар во Загреб, Елизабета Конеска повеќе од три децении работи на полето на визуелната етнологија, а меѓу неколкуте награди ова и е второ освоено Гран при за филмовите. Таа е автор на сценариото, режијата и камерата, додека монтажата е на Блаже Дулев.
Наградата во име на Конеска ја прими директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
-Голема чест и задоволство ми претставува да ја примам оваа значајна награда во име на авторката Елизабета Конеска. Гран при признанието за филмот Хембој на TEФ Фест пред сѐ е вреднување на долгогодишната посветеност и стручен пристап на авторката, но и силна потврда за богатството на македонската културна традиција и нејзиниот капацитет за меѓународна афирмација. Особено е значајно што македонскиот Културно-информативен центар во Загреб има привилегија и одговорност да биде мост на културна размена меѓу Македонија и Хрватска, доследно поддржувајќи ги нашите автори и нивната видливост на хрватската културна сцена. Во време кога културното наследство и туризмот сѐ повеќе се препознаваат како столбови на одржливиот развој и меѓународната соработка, ваквите достигнувања се инспирација да продолжиме со уште поголема посветеност, визија и меѓусебно разбирање, рече Ѓоргоска Илиевска.
„Хембој“ е филм за единствениот бојаџиски занает во Старата скопска чаршија. Три генерации од семејството Незири дуќанот го водат речиси 50 години, а го презеле од семејството Бојаџиеви. Сниман во текот на 2014 – 2015 година и скоро десет години подоцна, во 2023, филмот е сведоштво за наследството на занаетите и традициите како и на секојдневните активности во мултиетничката средина во чаршијата во Скопје.
Филмот премиерно беше прикажан во Скопје, на петнаесеттиот Фестивал – МакеДокс, потоа на јубилејниот 10ти ЕТНОФФ (Меѓународен фестивал на етнографски филм) како и на ДЕФ (Денови на етнографски филм) во Љубљана и на КРАТФЕСТ 2025 (Меѓународен фестивал на етнолошко документарен филм.
TEФ Фест и оваа година се одржа по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември, ставајќи акцент на важноста на културното и природното наследство во развојот на туризмот и меѓународната промоција на државите. Токму островот Крк и градот Крк се пример за тоа како богатата традиција и сочуваната природна убавина можат да се претворат во темел за одржлив развој во иднина.