На свеченоста по повод официјално отворање на 17. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка денеска му беше врачено признанието лауреат на годинашното издание на првенецот на МНТ, познатиот македонски актер, глумец и шоумен Игор Џамбазов.
Организатор на фестивалот е Општина Крива Паланка, а на свеченоста беше истакнато дека Игор Џамбазов е безвременски уметник кој ја збогатува македонската театарска сцена со страст, а неговиот талент остава длабока трага што се памети.
Во големата сала на општина Крива Паланка свечено му беше доделено признанието за посебни заслуги во развојот на театарската уметност. Признанието се доделува за неговиот исклучителен придонес и посветеност на македонската театарска сцена.
Театарскиот критичар Гоце Ристовски, уметнички директор на фестивалот, истакна дека фестивалот ја остварува мисијата „Балкан без граници низ театарска игра“, а во книгата за историјата на фестивалот од денес со златни букви ќе биде впишано уште едно име, името на Игор Џамбазов.
-Џамбазов е човек во кој се вклопени многу лица, но и многу опачини. Тој е „Гол човек“ со сите доблести и пороци кој покажува дека има сѐ, а нема ништо, но тој го има највредното, животот, во кој постојано си игра: во театарот, филмот, во музиката, на сцената на животот како дете што никогаш не старее. Игор е лик од романите на Достоевски: „Злосторство и казна“, „Коцкар“, „Идиот“, боем и урбана легенда. Во секој од нас има по еден Игор, но во некого тој е врзан со ортомче, а во некого – окован во пранги, ем гол- ем човек, рече Ристовски, посакувајќи му многу здравје и успеси во иднина.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски рече дека театарот има сила да ги зближува народите и следните десет дена на сцената на Националната установа Центар за култура во градот ќе имам спој на културите и народите од Балканот, порачувајќи дека уметноста е сила што не обединува.
Џамбазов се заблагодари за признанието и рече дека е решен да им се радува силно на сите убави нешта во животот. Оваа награда ја цени посебно и, како што рече, ќе ја памети до крајот на животот и благодарен е што ќе биде запишан во историјата и на фестивалот и на градот.
Џамбазов го посвети признанието на сите работници во театарот: портири, продавачи на билети, организатори на претстави, лепачи на плакати, шминкери, фризери, костимографи, гардеробери, сценски работници, инспициенти, суфлери.
Официјалната програма на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ почнува вечерва, со претставата „Вистината“ на Театар Комедија – Скопје.