Голема победа на стартот од силниот ВТА турнир W125 Самсун Опен оствари македонската тенисерка Лина Ѓорческа. Таа во мечот од првото коло денеска ја надигра поранешната тенисерка број 1 на светот Каролина Плишкова од Чешка со 2-0 во сетови (6:4 и 6:3) за 75 минути игра.
Плишкова во кариерата осум недели беше на чело на ВТА ранг-листата, а има и два финални меча на Грен слем турнирите (Вимблдон и УС опен).
Македонската тенисерка со сигурна игра во текот на целиот меч заслужено ја запиша највредната победата во кариерата.
Во првиот сет Плишкова направи брејк за водство од 2:1 во гемови, а по 4:2 за тенисерката од Чешка, Ѓорческа имаше серија од четири гема со два брејка за да го добие сетот со 6:4 во гемови. Во вториот сет единствениот брејк во четвртиот гем го направи Лина кога по 14 одиграни поени поведе со 3:1 во гемови и предноста од брејк ја зачува до крајот на сетот за 6:3 во гемови и конечни 2:0 во сетови.
Следна противничка во втортата рунда на македонската тенисерка ќе и биде Софија Костулас од Белгија, која денеска ја победи Вероника Фалковска од Полска со 2:0 во сетови (76(1) 6:4).
За Ѓорческа денеска останува уште еден меч. Во конкуренција на двојки со Чагла Бујукакчај од Турција треба да го завршат мечот од првото коло против словенечките тенисерки Далила Јакупович и Ника Радишич. Словенечкиот дубл води со 1-0 во сетови, а во вториот сет резултатот е 1:1 во гемови. Мечот почна во понеделникот и беше прекинат поради дожд.