Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје вечер со почеток во 19 часот ќе се одржи свечено доделување на наградата „Анте Поповски – Антево перо“ за 2025 година.
Како што информираат организаторите на манифестацијата, на почетокот на вечерта присутните ќе имаат можност да проследат кус аудио снимка изворно со гласот на Анте Поповски. Низ динамично осмислената програма ќе ги води Александра Јуруковска, која најпрво ќе презентира кус приказ на најважните карактеристики кои му дадоа белег на годинешниот конкурс.
За естетските вредности на збирките на добитнците на традиционалните поетски награди „Антево перо“ „Антев златник“ и „Антев часовник“ ќе се осврне членот на жири-комисијата д-р Атина Цветаноска, по што ќе следи и врачување на наградите. Публиката ќе проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинешните лауреати и авторите кои биле селектирани во потесниот избор за наградите.
На крајот од вечерта, Жорж и Александар Поповски од Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски ќе ги презентираат активностите во рамки на целата манифестација.