Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“ што заврши синоќа.
По изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот, кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот. Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (Северна Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“ избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
-На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“, соопшти организаторот на фестивалот „Џифони Македонија“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа, а за поддршка и за големата мотивација се заблагодари Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора.
-Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенција за филм, Градот Скопје, Општина Карпош, Џифони Експириенс од Италија, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, Италијанската младинска агенција, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans, Пакомак, Витаминка, Дивела и др., се наведува во соопштението.