Компанијата „EA“ официјално ги исклучи онлајн-серверите на играта „Нид фор спид: Рајвалс“ (Need for Speed: Rivals). Иако веста за оваа видеоигра можеби не е изненадување, сепак, ова е „крај на една ера“ за обожавателите на овие игри, но „EA“ продолжува со низата исклучувања на серверите.
Објавена во 2013 година, „Рајвалс“ важи за еден од најдобрите наслови во франшизата, според многу гејмери. Но, од 7 октомври 2025 година, оваа видеоигра веќе не е достапна на интернет.
Играчите сè уште можат да ја играат „офлајн“ – за еден играч, но и да се тркаат против противници создадени со вештачка интелигенција.. Сепак, тркањето за повеќе играчи онлајн е една од нејзините најголеми предности, а тоа е она коешто од вчера е укинато.
Последното големо ажурирање на „Нид фор спид“ (продолжението со поднаслов „Анбаунд“) излезе во ноември 2024.
Освен постарата игра „Нид фор спид“, од 2023 година, „EA“ исклучи и 60 други игри, а се очекуваат и уште исклучувања. Можеби нема многу бизнис-смисла да се држат серверите на толку многу стари видеоигри, особено со оглед на тоа колку наслови се под капата на „EA“, но сепак одреден број гејмери и обожаватели на овие постари игри, може да бидат разочарани.