Повеќе од 54.600 деца во Појасот Газа страдаат од акутна неухранетост, се проценува во студија на Обединетите нации, објавена вчера.
Според студијата, која е објавена во списанието The Lancet, меѓу јануари 2024 и средината на август 2025 година, здравствениот персонал на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) прегледал речиси 220.000 деца поради неухранетост.
Проценките покажуваат дека повеќе од 54.600 деца во Газа се акутно неухранети, од кои над 12.800 се сериозно неухранети, пренесува ДПА.
Акихиро Сеита, директор на Одделот за здравство на УНРВА и еден од главните автори на студијата, изјави дека од 7 октомври 2023 година, инфраструктурата на Газа е уништена, населението постојано раселувано, а хуманитарната помош строго ограничена.
-Десетици илјади мали деца во Појасот Газа страдаат од неухранетост што може да се спречи, болести и зголемен ризик од смрт, како последица на тековната војна, рече Сеита. – Без траен прекин на огнот и мир, ова човечко страдање ќе продолжи, оцени тој.
УНРВА соопшти дека за време на 20-месечниот период на следење, испораките на храна, вода, гориво и лекови во Појасот Газа биле под нивоата пред војната, поради ограничувањата на влезот на помошта поставени од израелските власти.
Студијата утврдила дека кога залихите биле релативно достапни, процентот на акутно неухранети деца бил околу 6 отсто. Оваа стапка скокнала на 14 отсто до јануари 2025 година, по четири месеци ограничувања на помошта. Шестнеделниот прекин на огнот довел до пад на стапките назад на 6 отсто до март 2025 година. Сепак, акутната неухранетост повторно се зголемила, достигнувајќи речиси 16 отсто до средината на август.
Акутната неухранетост, или слабеењето (wasting), е животозагрозувачка состојба дефинирана со тоа што детето е премногу слабо за својата висина, што укажува на брзо губење на тежината и сериозен недостиг на енергија, протеини и други хранливи материи, појаснува УНРВА.