Манекенката Јасмин Тукс го отвори овогодишното Модно шоу на „Викторија’с сикрет“ (Victoria’s Secret) покажувајќи го своето трудничко стомаче. Супермоделката, која го очекува своето второ дете со сопругот Хуан Давид Бореро, излезе на пистата со насмевка, носејќи ги своите препознатливи златни „ангелски крилја“ украсени со светлосни ефекти.
Крилјата, како што пишува порталот „Кликс“, совршено го надополнуваат мрежестиот фустан што го нагласува нејзиното стомаче. За нејзиниот сценски изглед, Тукс избра природен гламур – мека шминка и пуштена коса со патец. Нејзиниот сјај беше дополнително нагласен од маслото за тело од нејзиниот сопствен козметички бренд „Брунел“.
Веста за својата втора бременост таа ја сподели во јули на Инстаграм.
„Уште една мала душа за љубов“, напиша Тукс.
Јасмин Тукс првпат прошета по модна ревија на „Викторија’с сикрет“ во 2012 година, а три години подоцна стана едно од официјалните лица на брендот. Оттогаш, таа редовно се појавува на ревии, а нејзиното враќање во 2025 година како трудница сигурно ќе се памети како еден од најпосебните мигови во нејзиниот живот.