Пишува: ЉУБОМИР Д. ФРЧКОСКИ
Оваа влада ќе остане запаметена единствено со трагедијата во Кочани, а овие локални избори единствено со насилството, корупцијата и бесчесните обиди да се „победи во Кочани“ и со тоа да се потрупа врисокот на мајките на убиените деца, а пепелта на жртвите да се разнесе во потоморен заборав.
Не е важна повеќе партиската математика на победниците и губитниците на изборите. Не е важно дали биле во право тие што претпоставувале дека падот на владејачката партија ќе бидат 100.000 гласа долу и дали полека ќе расте опозицијата. Тоа престанува да биде повеќе важно.
Моралната точка на прекршување и самоспознаја за нацијата станува гласањето и однесувањето на политичките актери во и за Кочани.
Тој врисок од однесувањето и притисоците на владејачката партија да се победи таму и да се сопре и контролира ако може точката на болката која не сопира, на траумата која топи и обојува се’…е застрашувачка нечувствителност, грубост на најдолна провинциска суровост. Таа шокира и го определува моралниот колапс на нацијата.
Како може воопшто ВМРО ДПМНЕ да сака да победи и да владее со Кочани? Како може да посака да ги владее оние и онаму каде и кога се во врска со злосторството, со трагедијата на палежот е поврзано со нивните инсталации и актери: објектот во кој нивните елити славеле и се состанувале со години; агенцијата за обезбедување која требала да го обезбедува објектот; раководење со полицијата и нејзината небрежност, полицајците сега обвинети за нечинење; историјата на корупција која му овозможила на таков објект да функционира воопшто?
Како воопшто во такво опкружување на факти кои ја предизвикаа најголемата трагедија во независна Македонија и болката која не престанува – партијата сака да го владее тоа место пак?
Зарем не им е доволно 53 и кусур општини? Но алчноста на провинциските сатрапи не престанува? Кочани е најважно бидејќи таму треба да се сотре меморијата…постојаниот врисок на родителите на убиените деца.
Моралниот пад и суровост на овој политички актер нацијата не го дочекува со ликот од „Врисокот“ на Едвард Мунк – туку со рационализации и немар !
Опасно разблажување на моралниот пад е повикот да се бојкотира гласањето во Кочани, тоа било одговор бидејќи системот бил крив. Тоа значи дека сите сме по малку виновни, разблажи и терај понатаму. Не, јасно им е на сите кои се темелно виновни. И кои продолжуваат да ја одрекуваат одговорноста за тоа – што се две кумулативни вини една по друга: како чинење и нормализација на злото.
Не, не така! Треба да се спротивстави, а претходно разбере и почувствува длабочината на моралниот крстопат што гласањето во Кочани на овие какви и да се избори претставува за Македонија и Македонците.
Треба да се направи се’ околу обединување на опозиционите сили околу независниот кандидат и да се обиде да се сопре злото. Тоа во Кочани така треба да се нарече – зло. Не системот бил крив, не сите сме виновни – злото треба да се спречи и победи во Кочани.