Американските сили извршија уште еден напад во источниот Пацифик врз брод за кој се тврди дека превезувал дрога, при што загинаа три лица, изјави министерот за одбрана Пит Хегсет доцна синоќа.
„Нашите разузнавачки служби знаеја дека бродот бил вклучен во нелегален шверц на наркотици, минувал низ позната рута за трговија со наркотици и превезувал наркотици“, рече Хегсет во објава на платформата на социјалните медиуми X.
„Тројца наркотерористи биле на бродот за време на нападот, што бил извршен во меѓународните води. Сите тројца терористи се убиени, а ниту еден член на американските сили не е повреден во овој напад“, додаде министерот
Неколку часа претходно, Хегсет ја објави веста за првиот напад во вторникот, исто така, во Пацификот, врз брод за кој се тврди дека превезувал дрога.
„Во таа операција беа убиени двајца наркотерористи“, наведе Хегсет, додавајќи дека таа била изведена во меѓународните води, но не даде дополнителни детали за локацијата.
Хегсет ги спореди нарко-картелите со исламистичката терористичка организација Ал Каеда.
„Овие напади ќе продолжат, ден по ден“, рече Хегсет во неодамнешна објава.
Колку што е познато, нападот е прва американска операција во Пацификот откако администрацијата на Трамп започна офанзива против трговијата со дрога, што доведе до најмалку седум напади во карипскиот регион и драматично ги зголеми тензиите со Венецуела и Колумбија.
Во нападите на Карибите досега загинаа најмалку 32 лица, но администрацијата на Трамп даде малку детали за типот и количеството дрога на бродовите.
Правните експерти се прашуваат зошто нападите ги извршува американската војска, наместо крајбрежната стража, која е главната агенција за спроведување на поморскиот закон на САД, и зошто не се преземаат други напори за запирање на пратките пред да се прибегне кон смртоносни напади.