На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, побара од премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали македонската влада во Велика Британија разговарала за можноста Македонија да прифати мигранти и да отвори мигрантски кампови.
„Македонската влада, која неколку дена престојуваше во Велика Британија, избегнува да даде одговори на клучните прашања кои го потресуваат регионот, а тоа е дали и што е договорено во однос на прифаќањето на мигранти и отворањето на мигрантски кампови во Македонија,“ изјави Кузеска.
Таа посочи дека според информациите добиени од Британија, како и од реномирани британски медиуми, фокусот на средбите на британската влада бил токму ова прашање, но од македонската влада сè уште нема никаква официјална информација.
„Ова е јасен знак дека повторно на оваа тема нешто се крие. Мицкоски одбил да разговара на оваа тема со реномираниот медиум ‘Тајмс’ и вчера дал само штур одговор за македонската национална телевизија,“ рече таа.
Кузеска наведе дека според извори од Лондон, Велика Британија нуди стратешки инвестиции за земјите од регионот, но тие доаѓаат во пакет со разговори за можноста за отворање кампови за мигранти.
„Бидејќи нашата влада веќе речиси цела година договара ваков тип на заеми и инвестиции, најави кредит од 7 милијарди евра од Британија, Мицкоски веќе не може да се крие и мора јасно да одговори: што точно се разговара на темата мигранти и кампови за мигранти?“ праша портпаролката на СДСМ.
Таа додаде дека јавноста заслужува јасни и транспарентни одговори:
„Дали е точно дека со договорот за заем има и друг договор за мигрантите кој владата не го соопштува? Зошто Мицкоски, кој единствено нешто што прави е ПР, одбил важно интервју за ‘Тајмс’? Зошто, ако нема што да крие, тој избегал?“
На крајот, Кузеска потсети дека Мицкоски досега тврдеше дека „нема никаков договор за таква работа“, но според неа, новите информации говорат поинаку.
„Граѓаните имаат право да знаат што точно се разговара. Ова не е прашање за кое Мицкоски може сам да носи одлуки без да ја информира јавноста,“ заклучи портпаролката на СДСМ.