Фудбалскиот клуб Аеродром остро го осуди инцидентот што се случи вчера (26 октомври) по натпреварот од Третата лига – Север против ФК Беса во Слупчане, при што тројца нивни фудбалери беа физички нападнати од противнички играчи.
Од клубот соопштуваат дека нападот се случил по последниот судиски свиреж, кога неколку фудбалери на домашниот тим физички ги нападнале играчите на Аеродром. Во инцидентот биле повредени голманот и уште двајца фудбалери. Сите биле пренесени во скопска болница, каде што им била укажана лекарска помош.
Двајца од нив се пуштени на домашно лекување, додека голманот сè уште е хоспитализиран.
Натпреварот завршил со победа на Аеродром (2:1), а веднаш потоа, како што наведуваат од клубот, следел „неиспровоциран и брутален напад врз нашите играчи“.
„ФК Аеродром најостро го осудува овој чин на насилство и апелира до Фудбалската федерација на Македонија, дисциплинските органи и Министерството за внатрешни работи да преземат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, стои во реакцијата на клубот.
Од ФК Аеродром додаваат дека фудбалот мора да остане симбол на спортски дух, фер-плеј и почит, „а не поле на агресија и опасност за здравјето на спортистите“.
Клубот изрази благодарност до сите што испратиле пораки на поддршка и солидарност со повредените фудбалери, најавувајќи дека ќе продолжи да се бори чесно на теренот и да го промовира спортот како место на фер натпреварување и почит.





