На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, ќе се одржи единаесеттото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“.
Годинава фестивалот ја става Холандија во фокус, а свеченото отворање ќе биде со култниот филм „Контрола“ на славниот холандски режисер и фотограф Антон Корбајн. Овој реномиран уметник, познат по своите впечатливи фотографии и музички видеа со светски ѕвезди, ќе биде прогласен за лауреат на фестивалот и ќе добие награда за животно дело за своите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарецот „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам, краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на режисерката Ема Зафировска, како и документарниот филм „Македонски дневник во рими“ на Види Вака, кој го истражува домашниот хип-хоп и урбаната сцена.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба ќе биде отворена изложбата на фотографот Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која ги поврзува визуелниот израз, музиката и урбаните простори.
Фестивалот „Скопје Синема Сити“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и Министерството за култура и туризам.





