Издавачката куќа „Или-Или“ објави дебитантска стихозбирка на Игор Анѓелков насловена „Ноември“ во рамки на едицијата „Поеза“. Таа е 12-то објавено издание на авторот, по седумте прозни и четирите филмско-есеистички дела. „Ноември“ содржи дваесет песни поделени во три циклуси: „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“.
Во поговорот авторот посочува зошто се одлучил да објави поезија сега иако, како што вели, неговите први книжевни обиди пред три децении биле песни со што „ја потврдува тезата дека секој раскажувач започнува со пишување поезија“. Низ сите негови прозни дела, додава Анѓелков, се провлекува поезијата.
-Во првиот роман „Крај-пат“, еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман „Фото синтеза“, пак, е многу поетичен: „под небо во боја на бамји“, и тоа со години „плачеше“ за понатамошна разработка. Подоцна, во збирката раскази „Двојна експозиција“, се провлекува песната „Уморен“, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека можеби навистина е време за објавување на првата стихозбирка, наведува авторот.
Од „Или-Или“ посочуваат дека оваа есен во нивната издавачка куќа ѝ припаѓа на поезијата откако претходно беа објавени и стихозбирки од Игор Исаковски, Георги Господинов, Ана Пејчинова.





