Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик остварила средба со припадници на ромската заедница – средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници и поети.
Соговорниците постигнале консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум Републиката.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката, бил прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф, како и стихови од делото „Бели патишта“ на Селим Азис.
– Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои и овие: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”), се наведува во соопштението.
Претседателката изразила задоволство што првата граматика на ромски јазик е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф. Упатила порака учениците да го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.





