Под слоганот „Музиката во модата“ денеска во Францускиот институт во Скопје ќе се одржи модна изложба на најдобрите модни креации на студентите од Интернационалнниот институт за мода „Изет Цури“.
Изложбата ја организираат Францускиот институт во Скопје и Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, а на свеченото отворање ќе се обратат францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер и основачот на Меѓународниот институт за мода Изет Цури.
Изет Цури е реномиран моден дизајнер со потекло од Северна. Македонија, кој на 23 години заминува во Париз, каде што гради модната кариера работејќи со престижни модни куќи. Соработувал со познатите имиња како Ермес, Жан Пол Готје, Тјери Муглер, Азедин Алаја, Кристијан Лакроа, Шанел, а шиел и за некои од светски познатите имиња меѓу кои Шон Конери, Жерар Депардје и Изабела Росeлини.
По успехот на европската модна сцена, Цури одлучува да се врати во Скопје и да го пренесе своето знаење на идните генерации, основајќи го Интернационалниот институт за мода „Изет Цури”, каде што ги обучува идните дизајнери и ги охрабрува да се развиваат и создаваат.
Изложбата ќе биде отворена до 12 декември.





