Парламентот на Пакистан денеска изгласа уставен амандман со кој на шефовите на државата и армијата им се дава доживотен имунитет, што за опозицијата е „смртоносен удар врз демократијата“.
Предлог-законот е усвоен со 64 гласови „за“ и без ниту еден „против“ во Горниот дом на Парламентот, а во Долниот дом доби 234 гласови „за“ и четири „против“.
Со новиот закон, претседателот на Пакистан, Асиф Али Зардари и началникот на Генералштабот, фелдмаршал Сајед Асим Мунир ќе добијат доживотен имунитет од какво било право кривично гонење.
Против Зардари подигнати се неколку обвиненија поради корупција, но сега има доживотен имунитет, освен во случај ако не преземе друга јавна функција.
Според новиот закон, Пакистан ќе добие и нов Сојузен уставен суд, а судиите ќе ги именува извршната власт и ќе биде помоќен од постоечкиот Врховен суд на Пакистан.
– Амандманот е последен удар врз независноста на судството и функционирањето на демократијата, изјави портпаролот на главната опозициска партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ), Саид Зулфикар Бухари.
Неколку пратеници на ПТИ искинаа копии од текстот и ја напуштија салата пред гласањето во Парламентот.
Армијата во Пакистан, нуклеарна нација со 240 милиони жители, долго време има влијание врз политиката и јавната администрација. Последниот командант на армијата, кој официјално ја водеше земјата беше Первез Мушараф, кој изврши воен удар во 1999 година, а од 2008 година беше претседател на Пакистан. Оттогаш, цивилните влади номинално ја имаат контролата, а војската во голема мера дејствува во заднина. Армијата изминатите години има поотворена улога и во економската и во надворешната политика. Се оценува дека Пакистан има „хибридно владеење“ на армијата и политичарите.





