Собранието на Република Северна Македонија информира дека пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска учествувала на вториот дел од сесијата на Парламентарно собрание на Советот на Европа, која се одржува во Стразбур во периодот од 26 до 30 јануари.
Како што се наведува во соопштението од Собранието, пратениците на сесијата дебатирале за зајакнување на демократијата преку учество и одговорност на младите, како и за обезбедување одговорност, хуманитарна заштита и почитување на меѓународното право во Газа и на Западниот Брег по прекинот на огнот.
Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска се осврнала на, како што посочила, разликите во третманот на жртвите во конфликтот, нагласувајќи дека за пронаоѓање на едно израелско тело бил вложен значителен воен и технолошки напор, додека илјадници Палестинци и натаму се водат како исчезнати под урнатините на Газа, без можност за идентификација или достоинствено збогување.
Според неа, постои нерамнотежа во вниманието и распределбата на ресурсите, при што за едни постојат технологии, институционална поддршка и медиумски фокус, додека други остануваат надвор од јавниот поглед. Во тој контекст, таа нагласила дека е потребно да се отвори простор за подеднакво сочувство, транспарентност и независно новинарско известување, како предуслов за подобро разбирање на човечката цена на конфликтот.
Во рамки на сесијата, пред пратениците се обратил и Арарат Мирзојан, министер за надворешни работи на Ерменија. Во делот за прашања, Костадиновска-Стојчевска, како што информира Собранието, го отворила прашањето за процесот на либерализација на визите меѓу Ерменија и Северна Македонија.
Министерот Мирзојан изразил надеж дека процесот ќе биде завршен до нејзината следна посета и најавил дека ќе стапи во контакт со надлежните институции во Северна Македонија, оценувајќи дека меѓусебните контакти и посети се од особено значење во контекст на приближувањето на Ерменија кон Европската унија.






