Вчеравечер во Аудиокултура беше промовиран албумот „Beyond the Silence“, првото дискографско издание на младиот виолончелист Антонио Илиоски, соопштија организаторите .
Станува збор за дебитантски албум кој содржи Соната за виолончело и пијано од Клод Дебиси и Соната за виолончело и пијано бр. 1 од Јоханес Брамс. Албумот е снимен минатата година во Македонската филхармонија, со пијано придружба на бугарската пијанистка Јана Лолова, а издавач е Баги Комуникации.
Како што беше истакнато на промоцијата, Илиоски студира на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија, каде што се образува кај професорот Атанас Крстев, и веќе се вбројува меѓу најзабележителните млади виолончелисти со меѓународен ангажман .
За изданието говореше Бранка Костиќ Марковиќ, која во рецензијата оцени дека албумот претставува резултат на долгогодишна посветеност и зрел уметнички пристап, додека издавачот Владимир Мандичевски истакна дека проектот е израз на верба во уметничкиот потенцијал на младиот музичар.
Музичкиот продуцент Ален Хаџи-Стефанов се осврна на процесот на снимање, нагласувајќи дека работата на албумот била креативен процес поради јасната визија на Илиоски за звукот и интерпретацијата .
На промоцијата, Илиоски изведе краток извадок од дело на Сергеј Прокофјев, а најавена е и концертна промоција на албумот, која ќе се одржи на 28 април во Македонската филхармонија.





