пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Според Индексот на демократија за 2020 година, објавен вчера од аналитичкиот институт на „Економист“, Северна Македонија се наоѓа на 78-то место, „промашувајќи“ ја погорната група на „проблематични демократии“ – во која, патем, се наоѓаат и најголемиот број на земји-членки на ЕУ, од Франција па надолу – за еден индексен поен, благодарејќи на многу ниската оценка за состојбите со политичката култура во земјава, каде сме освоиле мизерни 3.1 од можни 10 поени (како кај Норвешка, Шведска и Исланд, на пример).
Опозицијата го прослави „хибридното“ демократско место на Македонија како свој голем политички успех, бидејќи тоа меѓународно рангирање – заедно со 111-то место на скалата на перцепцијата за корупцијата на Транспаренси Интернешенел – ја потврдува нивната генерална оценка дека, откако се дојдени СДСМ(/ДУИ) и Заев на власт, Македонија повеќе наликува на најлошите централно-африкански, одошто на европските, макар и проблематично-демократски држави.
Паралелно со триумфот на опозицијата, власта цела недела се обидува да објасни дека тие се зафатени со „системски промени“ во стратегиските сектори во општеството, кои не даваат брзи реформски резултати, но – според власта – гарантираат структурни и одржливи подобрувања на подолг рок, коишто државата со децении ги одлага.
Нема сомневање дека, беа ли рангирањата подобри од објавените, власта ќе го прославуваше, а опозицијата ќе го проблематизираше тој успех. Во суштина, се работи за ист пристап: во Македонија само власта е секогаш одговорна за рангирањата, а опозицијата, во најдобар случај, е спектатор што гледа сеир и фаќа политички поени од евентуалните неуспеси на власта.
Тоа е така во високо партизирани држави и длабоко поделени општества како нашето, во кои моделот на владеење е секогаш сведен на она што се нарекува “zero sum game”, односно „победникот зема сè“ – не само од расположливите ресурси, туку и од вината или заслугите за тоа што се случува во државата. Ако е за утеха (а, не е), според „Економист“, само во дваесетина држави во светот во 2020 имало „целосна демократија“, додека во останатите 140-тина – вклучувајќи ги и САД и 2/3 од ЕУ – индексирањето на демократијата покажува различни нивоа на проблеми, кои генерално можат да се сведат на дисфункционалностите во нерамномерната поделба на бенефитите (не само материјални) помеѓу оние кои владеат и оние кои не владеат. Пандемиската 2020 само ги зголеми незадоволствата, стравовите и социјалните разлики, а ја намали еднаквоста и чувството за фер шанса во поделените општества.
Со овие наши политички елити (во кои, генерално, спаѓаат партиските дејци на сите нивоа) и со ова ниво на нашата политичка култура (кое, генерално, го споделуваме сите заедно), Македонија нема шанси во догледно време битно да ги подобри своите „индексни“ перспективи. И на следните избори ќе има победници и губитници, но кој и да ја освои власта, пристапот до користа од владеењето ќе биде само негов. Тие кои сега критикуваат (како што тоа го правеше и сегашната власт додека беше во опозиција), ја освојат ли власта, инстантно ќе заборават што критикувале и во силен партиски налет ќе ги запоседнат сите функции во државата, но и парадржавните „екстензии“ во општеството.
Да биде трагедијата поголема, сите анкети на јавното мислење со децении наназад покажуваат дека, кај мнозинството граѓани во државата, тоа од нив и се очекува. Тоа е таа општа „политичка култура“ за која „Еконимист“ нè оценил со ниски 3.1 индексни поени од можни 10. Грдите, плукачки, полни со исклучивост и омраза кавги во општеството се само последица на тоа.
Чаре?
Единственото чаре се „системските промени“ кои ги заговара сегашната власт, под услов реформите да ги преживеат партиските, а и личните интереси инвестирани во нивното „искривување“. Сложена е таа операција чиј следен „контролен тест“ ќе го дознаеме од резултатите на наредните фер и демократски избори во земјава, за кои од „Економист“ минатата година сме оценети со далеку подобриот индекс од 7.42 од можна 10-ка.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.