На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, премиерот Заев изрази задоволство од неодамна потпишаниот договор за соработка со Француската агенција за развој, и истакна дека овој договор е од значење како дополнителна поддршка во достигнувањето на европските стандарди во нашата земја и истовремено претставува силен сигнал за зајакнување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција.
Премиерот Заев го оцени како исклучително значајно нагласеното внимание на Франција кон земјите од Западен Балкан во последните неколку години, како и стратегијата на Париз за поддршка на развојот и за евроинтеграциските процеси на земјите од регионот.
Регионалниот директор за Западен Балкан на Француската агенција за развој Доминик Отберг од своја страна нагласи дека Франција и Агенцијата имаат нагласен интерес да учествуваат во повеќе проекти во Северна Македонија, со посебна нагласка на енергетиката, јавното здравство, образованието, урбаниот развој, земјоделството, животната средина и транспортната инфраструктура.
Француската агенција за развој, информираше регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, има годишен буџет од 14 милијарди евра, и работи на 4.000 проекти во 115 земји во светот.