пишува: ТАЊА КАРМЗОВА КОСТИГЛИОЛА
Збудален лифт ни е државата. Емотивен. Девет круга институционално-политички пекол, седум неба поединечни и/или мали групни блаженства. Меѓу двете – чистилиште кое пулсира во ритамот на апатијата и глобалната незаинтересираност.
Од адот ќе ги издвоиме круговите на слепо следење нечии доктрини само затоа што името на прочуените, божем идеолошки (почесни) водичи стои веднаш под акронимот на политичката партија. Следат круговите на жртвите на судско – политички прогон, според нивното лично евангелие, кои претвораат том хартија со судски докази и пресуди во лиценци за казина, создавајќи тегоби на желудникот кај оние кои немаат со што да си ги платат долговите кај извршителите. Овие последниве, пак, се сами во еден од пеколните кругови.
Малку се девет круга, да ви кажам право, а многу е претерано истите да се класифицираат во пекол за оние кои вртат во нив. Пеколно е за оние кои совесно работеле и биле почесни граѓани на ова општество да ги гледаат почестите и посебните третмани на оние кои тоа никогаш не го правеле.
Наспроти тоа, пак, имаме Медена земја, еден прекрасен Јане, една цврста Врба, еден млад и силен Алили, една семоќна Петрунија… И преку нив, барем за миг, допираме ѕвезден отсјај, честичка прашина од кометите, еден гриз облак и светлина од осум сончеви зраци.
Чудна е оваа наша земја, што и од нас прави чудаци, навидум емоционално – нестабилни општествени единки, кои во еден ден можат да се срамат од своето потекло исто толку колку што се гордеат, за на крај да си ги премијат чувствата на припадност со тотална апатија и незаинтересираност. И мислам, и сметам, дека на тоа не смее да се гледа како на предавство. Тоа е само борба за опстанок меѓу двата екстремитети на пресата.