Управата за водење на матични книги (УВМК) информира дека донела решение да не се бара изводите од Матичната книга на родени да не бидат постари од шест месеци. Ова беше изјавено откако Порталб.мк го објави истражувањето во кое граѓани се пожалиле, а од Управата потврдиле, дека од нив биле побарани изводи не постари од шест месеци. Со новата одлука, граѓаните кои сакаат да се венчаат, УВМК повеќе нема да ги обврзува да вадат нови изводи, туку службеникот ќе ги проверува податоците од изводите што граѓаните веќе ги имаат. Доколку граѓаните немаат извод, ќе се венчаат само со документ за идентификација, додека службеникот самиот ќе ги обезбеди изводите, известува Порталб.мк.
Согласно Законот за семејство, првиот чекор кога сакате да се венчате е да се изврши упис и записник за венчавањето од страна на матичарот, при што како придружни документи се потребни изводите од матичната книга на родените на лицата кои се венчаваат.
Според новата одлука, во постапката за венчавање повеќе нема да се бара граѓаните да обезбедат изводи од матичната книга на родените, туку тоа ќе го прави матичарот, доколку граѓаните самите не ги обезбедиле претходно. Граѓаните треба само да се легитимираат со документ за лична идентификација, матичарот ги запишува податоците и потоа ги завршува административните процедури.
„Во сите други постапки што се водат во Управата, и каде како доказ мора да се поднесе извод од матичната книга на родените, се прифаќа потврда постара од 6 месеци, само доколку има печат за неограничена важност“, велат за Порталб.мк од УВМК.
Оттаму додаваат дека во УВМК нема да се бараат изводи „не постари од шест месеци“, но дека другите институции имаат свои правила.
„За другите државни институции и правни лица (банки), кои бараат уверенија од граѓани не постари од шест месеци, тоа се правила што тие самите ги поставиле во нивното работење“, велат од УВМК.
Претходно, Порталб.мк спроведе истражување за причините поради која граѓаните се обврзани да поднесат изводи не постари од шест месеци во постапките за УВМК.
Од УВМК потврдија дека изводи не постари од шест месеци бараат бидејќи, како што рекоа, граѓаните ги злоупотребуваат податоците и потврдија дека за тоа дури усвоиле интерна наредба.
„Во секој извод има печат дека лицето што ги поднесува податоците, одговара за нивната точност под морална, материјална и кривична одговорност. Но, во пракса тоа не е така. Поради промена на имиња, адреси, брачна состојба, прифаќање или неприфаќање мајчинство, односно татковство, граѓаните не пријавуваат промени во правниот промет и се служат со стари податоци. Со ова вршат бигамија, кога станува збор за брак, кога менуваат име или презиме, кога станува збор за идентитет и слично. Со тоа се прават низа прекршоци кои додека се откријат предизвикуваат поголема штета“, велат од УВМК за Порталб.мк, додавајќи дека периодот од 6 месеци се смета за оптимално време за прилагодување на податоците во матичната евиденција.
Според експертите кои ги контактираше Порталб.мк оваа наредба била незаконска.
Порталб.мк, од сигурни државни извори, обезбеди информации дека по објавувањето на сторијата, УВМК ја сменила оваа интерна наредба.
УВМК контрадикторна со себе си
Порталб.мк побара детали од УВМК за оваа информација и тие ни испратија е-пошта со податоците што ги елабориравме погоре, при што истакнуваат дека оваа одлука стапила на сила на 1 април 2021 година. Според ова, испаѓа дека УВМК дава контрадикторни одговори.
Порталб.мк ги побара од службените лица на УВМК двете интерни наредби за да ги види датумите за одобрување, но УВМК не ни ги достави.
Дополнително, УВМК во нејзината веб-страница каде што се објавуваат активностите на оваа Управа нема објавено никакво известување за ова прашање. Но, тоа не го негира фактот дека УВМК досега бараше изводи „не постари од шест месеци“, со оглед на поплаките што стигнаа до нашата редакција, но и реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, откако ја објавивме сторијата.
Коментарите на граѓаните на ФБ можете да ги прочитате на следните линкови: Порталб.мк–Мета.мк–ICEDA.
Порталб.мк го појасни ова прашање и ги информира граѓаните дека отсега никој во УВМК не смее да им побара извод „не постар од шест месеци“. Двојките можат да се венчаат само со лични карти или пасоши, додека сите други документи мора да ги обезбеди матичарот. Во случаи кога административците или вработените постапуваат спротивно на ова, апелираме до граѓаните да го достават предметот до УВМК, а доколку УВМК не реагира, да ги достават до нашата редакција.
извор: МЕТА