пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Според Уставот на Република Северна Македонија: „…Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.“ (член 2).
Во превод, тоа се пратениците во Собранието на државата. Не премиерот, не министрите, не претседателите на партиите, туку пратениците.
Според Уставот „Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.“ (член 61).
Во превод, највисок орган кој со донесување на правила на однесување (закони) ги воспоставува односите меѓу луѓето е Собранието. Не премиерот, не министрите, не претседателите на партиите.
Според член 62 од Уставот „Пратеникот не може да биде отповикан“, а „Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.“ (член 64).
Според членот 63 „Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.“
Според член 68 „Собранието избира Влада на Република Македонија“.
Ако е ова сето баш вака напишано во Уставот на државата, тогаш станува многу проблематичен членот 43 од Законот за Владата „Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.“
Зошто:
- Според Уставот, оставката на претседателот на Владата и оставката на целата Влада не се основ за распуштање на Собранието. Според нашиот систем, ништо што прави Владата не може и не смее да влијае на Собранието, туку обратно.
- Законската одредба според којa „… по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници“ значи дека некој надвор од Собранието се договорил за престанок на мандатот на пратениците и му наредува на Собранието (она истото кое е носител на суверенитетот на граѓаните и чии членови не можат да бидат отповикани) дека мора да спроведе избори.
Во превод ова значи дека Владата му наредува на Собранието.
Уште попроблематично станува тоа дека претседателите на партиите се договориле кога ќе бидат наредните избори и пратениците (кои се експоненти на суверените граѓани) како мулиња мора да ги следат нивните договори и нивниот направен пазар.
И најпроблематично е тоа што во целата таа циркузијада никој не ги прашува граѓаните. Ниту еден претставник на граѓаните (пратеник) не ги консултира граѓаните дали сакаат или не да се распушти собранието (односно на кој начин најдобро ќе го заштити нивниот интерес оној кој тие го гласале и изгласале да ги претставува и да биде нивни глас во процесот на одлучување).
Според мене, или треба да се престане со оваа шарада и ќе овозможиме функционирање на демократијата, или треба да се направат коренити промени на Уставот на државата со кои ќе го промениме системот и ќе ја озакониме автократијата.
Шарадата може да биде запрена со тоа што Собранието ќе ја избере новата Влада и нема да се распушти, туку ќе си продолжи со работа сѐ до редовните избори, кога по силата на Уставот ќе бидат спроведени соодветните процедури.
Во спротивно, парламентарците веќе не се претставници на суверените граѓани, туку послушници на некој новосоздаден суверен во државата и според мене, отворено го прекршуваат Уставот.