Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше обраќање на тркалезната маса на тема „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“, информираат владините служби.
На настанот, кој е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“, учествуваа и заменик-претседателката во Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Никола Тупанчески, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, други претставници на владините институции, претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска и заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Јулијан Васало, пишува во соопштението.
Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“ има за цел да ги постави темелите и заложбите на сите институции во насока на целосно воведување на системот на интегритет, правилна имплементација на Законот за заштита на укажувачите и успешно исполнување на препораките од ГРЕКО, во насока на откривање и управување со судирот на интересите на претставниците на извршната власт, известуваат владините служби.






