Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ денеска се сретна со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Брнс.
На средбата се разговараше на повеќе актуелни теми, како што се организирањето на фер и демократски избори, процесот на реформи, како и процесот на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
Претседателот Заев изрази благодарност до амбасадорката Брнс за поддршката што САД континуирано ја дава на Република Северна Македонија во градењето на модерно демократско општество, како и во процесот на реализација на нашите стратешки интереси поставени уште од независноста.
– Цениме што Сенатот на САД веќе го ратификуваше протоколот за членство во НАТО. Владата веќе го достави Протоколот во Собранието и тој ќе биде усвоен пред распуштањето на Парламентот а ќе се ефектуира кога Протоколот ќе биде усвоен од страна на Парламентот во Шпанија. Во зависност од динамиката во Шпанија, очекуваме полноправното членство официјално да биде заокружено на пролет, истакна претседателот Заев.