На 25 април во просториите нa македонскиот Културно информативен центар во Загреб се одржа уметничка вечер на македонскиот писател Томислав Османли. На културниот настан кој собра истакнати личности од литературата, науката, општествените дејности, за сестраниот опус на Османли релјефен вовед даде Д-р Наталија Поповска, која и беше иницијатор и организатор на настанот. Книжевната вечер се одвиваше под исклучителното медијаторство на македонистот Проф. Д-р Ивица Баковиќ, раководител на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Загреб.
Со вдахновен говор прозниот опус на нашиот писател и драмски автор, го претстави писателот и режисер Матко Сршен, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб. Професорот Сршен при тоа фокусираше две дела на Османли, антивоената пиеса „Апокалиптична комедија“ која во превод на книжевниот теоретичар, македонистот Проф. Д-р Златко Крамариќ беше објавен во престижното списание „Књижевна ревија“ списание на „Матица Хрватска“ од Осијек, како и кон романот „Дваесет и првиот“ кој по добивањето на нашата награда Роман на годината во Македонија, токму во Хрватска ја имаше првата од серијата понатамошни меѓународни објави, во книгата која во превод на македонистот Проф. Д-р Борислав Павловски, ја издаде загрепски „Сандорф“.
Пред присутните со пригоден говор се претстави и авторот на книжевната вечер, осврнувајќи се на мотивите за своите повеќекратни креативни интересирања и творби во прозата, филмската и театарска драматургија, есеистичките и теоретски книги и објави. Меѓу другото, Томислав Османли говореше за етичките аспекти на своето книжевно кредо. Нараму, овој автор, инаку наш теоретичар на стрипот, говореше за првата професионална за ликот и пионерското остварување на Желимир Книвалд, Хрват по потекло, кој во скопски гимназиски печатен весник го објави првиот до сега регистриран стрип на македонско тло – во далечната 1937/38 година. Исто така, Османли истакна дека, заедно со истакнатиот хрватски стрип теоретичар и историчар Вељко Крулчиќ, во Македонија, на деновите на културата во Галеријата „Безистен“ во Штип ја организирале првата изложба на оригинални стрипови на најголемиот хрватски и екс-југословенски автор, Андрија Мауровиќ.
На загрепската авторска вечер посветена на Томислав Османли, исклучителен настап имаше пијанистот Виктор Рафајловски, а фрагменти од делата на нашиот автор читаше младата Лутиен Л. Крстевска.