пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
На 29 јануари 2020 година објавив колумна со наслов „Ќе го брани ли ВМРО-ДПМНЕ Договорот од Преспа како што ја бранеше Привремената спогодба?“
На 11 февруари 2020 година речиси сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ практично го поддржаа Договорот од Преспа гласајќи за Законот за ратификација на Северноатланскиот договор, неопходен чекор за нашето членство во НАТО. Да бидам искрен, кога го поставив прашањето „Колку време сега ќе им треба на квазипатриотите да еволуираат?“, воопшто не очекував дека ќе им требаат помалку од две седмици за да направат вакво „салто мортале“.
Но, ете, и тоа се случи. Со свои очи го видовме чекорот напред кон Северна Македонија во НАТО, наместо ветуваниот „чекор назад“. Главните артисти од претставата „Никогаш Северна“, кои невешто глумеа патриоти осудувајќи го потпишувањето на Договорот од Преспа, кои го бојкотираа референдумот што самите го бараа, кои скандираа „Никогаш Северна“ за време и по претседателските избори, си гласаа ко попчиња за Северна Македонија во НАТО. Притоа, единствено Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ не аплаудираше, бидејќи беше зафатен за да си ги придржува панталоните од страв да не му паднат, за да не види народот што тече низ нив.
На 29 јануари 2020 прашав: Е, сега, дали вистинските верници во „Никогаш Северна“ ќе се свртат против квазипатриотите кои земаат високи хонорари за да ја претставуваат Северна Македонија?
Сега логично е да се праша: Дали вистинските верници во „Никогаш Северна“ ќе се свртат против квазипатриотите, кои гласаа за Северна Македонија во НАТО, а глумеа дека биле против Преспанскиот договор, и се уште глумат дека ќе го укинувале или ревидирале Договорот од Преспа?
И, како што гледам, прв против квазипатриотите се сврти довчерашниот нивен најголем поддржувач, „рамноземјашот“ Миленко Неделковски. Сите што гласале за Законот за ратификација на Северноатланскиот договор Миленко ги нарече „сто-и-нешто изроди и непочитувачи на народот“. Познатиот провокатор и хејтер објави и семејна фотографија со неговите омилени гости Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев, не штедејќи ги дури ни нивните деца, нарекувајќи ги „идните НАТО војничиња“. Во неговата анти-НАТО хистерија, довчерашниот пулен на Груевски постави и прашање „Дали да очекувам ферман од болниот од Пешта“? Еден негов фан му напишал: „Кога беше премиер не беше болен. Рани куче да те лае.“ А Миленко, кој држеше 5-6 часовни емисии со „болниот од Пешта“, „патриотски“ му одговара: „Кога не беше избеган кукавички“.
Ете, тоа е тажниот исход од трагикомедијата „Никогаш Северна“ која заврши со салто мортале, со гласање на ВМРО-ДПМНЕ за Северна Македонија во НАТО. Довчерашните квазипатриоти од ВМРО-ДПМНЕ кои се служеа со „патриотски говор на омраза“ против поддржувачите на Договорот од Преспа, денес се прогласени за „изроди“ од други лажни патриоти од кампот „Никогаш Северна“.
Што ќе се случи сега со поддржувачите на Мицкоски кои му скандираа на партиски митинг „Никогаш Северна“? Дали и тие ќе си ги придржуваат панталоните од страв како нивниот партиски лидер, или пак ќе го следат „рамноземјашот“ Миленко во осудата на „изродите“ кои гласаа за Северна Македонија во НАТО.
Ко што вели народната поговорка, „Да сме живи, да видиме“.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.