Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека помошта може да биде доставена до Газа набргу по неговите разговори со лидерите на Израел, Јордан и Египет.
„Сите сме тесно поврзани, па имам чувство дека тоа би можело да се случи наскоро“, рече Шолц по состанокот со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси во Каиро.
Зборувајќи за експлозијата во болницата Ал Ахли во Појасот Газа, во која загинаа речиси 500 луѓе, Шолц претходно денеска изјави дека е ужаснат од сцените на експлозијата и повика на темелна истрага за инцидентот.
„Невини цивили беа повредени и убиени. Нашите мисли се со семејствата на жртвите“, напиша Шолц на платформата X.
Хамас, палестинската милитантна група која ја контролира Газа, го обвини Израел за вчерашната експлозија во болницата. Израел тврди дека експлозијата во болницата била предизвикана од неуспешно лансирање ракета од страна на палестинскиот Исламски џихад, друга милитантна група во Појасот Газа.