Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
И во овој, 21-ви век, како и пред 100, 1000, 10000 години (или до кадешто досега стигнало историографското бележење), преовладува впечатокот дека на човештвото му е забавно да игра победници-губитници, без оглед на обемот на страдањето. Некој би рекол – а по што се разликува 21-виот век од другите векови, ако и досега победници-губитници се играло како што отсекогаш се играло – со војни. Разликата е, односно очекувано е да биде – во постигнатиот морален капацитет и воедно поголемата свест за себе и другите, после сите векови и милениуми на проширување, раснење на таа свест. Некој сигурно ќе врти со глава и на ова, бидејќи евидентно, војните и страдањата се присутни, а и ете, преовладувачки е впечатокот дека човекот никако не може да се откаже од нив, колку и животи да страдаат. Каде е таа свест, каде е моралниот капацитет?
Се работи за стремеж, за патување, а не за апсолутни постигнувања на свест и морал. Имено, не може да се игнорира дека со развојот на научната мисла навистина расне свеста за вредностите, набљудувани и негувани во себе и во односот кон другите, а моралните норми се кристализираат универзално. Тоа е така заради вредноста и корисноста на вистината. Низ стремежот за откривање на вистините на природата, човекот тргнал на пат и на откривање на самиот себеси, на универзалните вредности, низ себеси. Што е постигнато и речиси надминато (а ако сѐ уште не е, тогаш се гледа целната линија): Низ науката, особено низ инженерските гранки, борбата за ресурси преку користење на природните закони прави многу конкретна замена на војната-заради-ресурси. Замена за грозниот акт во кој се одземаат ресурси од други луѓе. Ем се избегнуваат големите страдања на војната, ем квалитетот на животот се подобрува, ем е тоа скалило за следна иновација. Најосновниот ресурс преку кој се „преведуваат“ сите останати ресурси е енергијата, за која денес, за разлика од минатото, е сѐ појасно дека бргу доаѓа времето кога ќе ја има за сите во изобилство, бидејќи науката сѐ поефикасно ја искористува од водите, од сонцето, од атомите, итн., и сѐ појасно е дека границите се поместуваат надвор од Земјата.
Постојано слушаме „голема криза доаѓа“, но тоа би било точно само ако ја напуштиме науката, што е далеку од возможно, а за експоненцијално растечкиот тренд на технологијата и да не зборуваме. Ако уште вртиме со главата под впечаток дека науката е изолирана од она што „се случува во светот“ и дека таа „ќе си тера“ под надзор на големите корпорации за да биде претворена во технологија, додека на другата страна, светот ќе полудува во тепањето сам себе токму со помош на таа технологија, тогаш имаме проблем со ценењето на животот. Имено, заради растечката технологија веќе може да заклучиме дека војните веќе не се сосема за ресурси, туку повеќе заради нешто друго, што доведува до вистинското прашање на кое се случува вртењето со глава на прашањата за вредностите. А тоа е – зошто да го цениме животот, каква смисла има тој, илузија ли е неговата вредност, тие морални вредности, таа свест, ако една нуклеарка за секунда може да нѐ збрише сите? Дури и да не е нуклеарка, ете, со обични бомби, со пушки и ножеви нашите тела да бидат разнесени, истечени или распарани од некое друго племе, или од наезда на микроби да го завршиме животот, можеме ли толку многу сигурно да тврдиме дека ако има крај – тогаш било бесмислено? Што ја прави разликата да не е бесмислено ако умреме од старост?
Мислам дека изворот на оваа депресија на бесмисла е случајно или намерно подметнување (од што е згодно и лесно да се подметне), бидејќи смислата ја произведува самиот човек, индивидуално и колективно, таа не е независна од него. Да се бара смисла независно од себе, надвор од себе, е прилично неодговорна илузија, самото тоа е неморалност, затоа што води во недоверба кон моралните вредности. Не е ова кружно резонирање за да се преправаме дека моралноста мора да ја има само за да не се лизнеме во бесмисла. Спротивно е: Инсистирањето дека бесмислата е таа објективната, е кружно недоследно резонирање, затоа што во претензијата за објективност, човекот или групата кои не се посветени на потрага по вистината, многу лесно паѓаат во стапицата на самодоволниот „сезнаечки“ егоцентризам колку се „реални“ и „објективни“, просто пукаат од „интелЕгенција“, како „револуционерни“ на нормалното. Тоа е кога инстинктот за самозаштита, тотално нестручен за одлука за која е потребно вклучување на рациото, одлучува дека за да се вклопи човек во сигурноста на стадото, мора да ја прифати таа псевдообјективна надуеност – бесмислата. Контрадикцијата е во тоа што – она што се прифаќа е раѓање на волк во стадото, бидејќи индивидуата зема дека целата околина е неморална (што и да зема за неморалност по личната дефиниција). Тогаш групата на која се конформира истовремено и ја мрази, па таа веќе не е ниту стадо, а не е ни глутница од погледот на секоја индивидуа. А тоа значи и со поглед одозгора, ќе биде – ништо. Грешката се случила во прифаќањето на бесмислата како преовладувачка и универзална, со што ниту индивидуата, ниту тој распарчен колектив не се веќе заинтересирани за никакви вредности – животот како да не постои. Општеството го губи врзивното ткиво.
Факт е дека и покрај прекрасните откритија и иновации, ништо од науката не оди на општите вести ни на популарен начин, а камоли поинаку. Нема ни такви емисии, а написите не се доволно интересни и се преземени од туѓи магазини. А токму овие теми се сржта на општеството. Тоа е цивилизацијата. Ако беа присутни тие, наместо заглупавувачките турски серии и некултурни вести, антидебатни (не се дебатни) емисии и нерецензираните тупави изјави на случајните луѓе кои се јавни личности (а толку се никакви тие говори што рецензијата ќе се сведе на пречкртување на сѐ), тогаш никаква магла немаше да можат да спуштаат врз обичинот, нормален факт дека развојот на Македонија е преку ЕУ. Јасно ќе беше и пред да се искаже дека Македонија компатибилно се развива преку ЕУ, а не да се убедуваме низ дебати и со издерувања на водителките.
Можеме ли да препознаеме дека голем дел од нашата медиумска индустрија го сее механизмот за индуцирање на индивидуална и колективна депресија така што преку масовноста на ширење на нелогични, ненаучни, антинаучни, антикултурни, противразвојни и бесчувствителни глупости многу од нас се лажеме дека еднакво масовно се прифаќаат истите? Добро, сигурно се прифаќаат од некои луѓе на кои не им пречи да бидат облепени со зборовниот измет на антиразвојните „средувачи на општеството“ – ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Сигурно и дел од луѓето се исплашени од нив – нивната некултура и грозота на изразот ја земаат како маркер за зло кое може да ги стигне, па како во немајкаде ги прифаќаат. Дел од постарите суеверно го асоцираат Господ – казнувачот на нелојалност кон „вемерето“, па пак од некој страв и примораност го прифаќаат. А најнеписмениот дел, пак, се уверени дека некултурноста, дното на мислата и изразот – значат победничка искреност. И точно е дека сите тие учествуваат во ширењето на колективната бесмисла и депресивност иако самите не се депресивни бидејќи немаат доволно штоф за тоа. Но, тие се далеку од тоа да се „сите“, тие не се општеството и немаат морално врзивно ткиво меѓу нив. Потребни им се тотеми, ликови или фетиши за „постигнување“ на замени за моралност – на псевдоморалност, како Господ, или лидерот, за колку-толку да се прикрпат во инстант квази-кохезивност, бидејќи во тоа не спаѓаат (врзивните) пари за оцрнувачка пропаганда на сѐ што е подобрено од порано, и е про-ЕУ. Тие претендираат да бидат самопророчки флукс, сила на своерачен распад на институциите низ дупките во нив, т.е. низ луѓето – приврзаници на бесмислените догми и фетиши, со цел, од општата депресија да се предизвика насочена лутина, тага и несреќност, заради која сите топтан ќе бараме помош баш од нив, предизвикувачите на бесмислата.
Вистинското врзивно ткиво на општеството сме оние кои сфаќаме дека мирот, добросостојбата и развојот се вредности кои се добиваат со моралните критериуми на грижа и нега (алтруистичка соработка) како и со фер-плеј, така што ги развиваме институциите кон нив. Тие се основите, а не казните за непослушност и микроменаџирањата на нашето секојдневие. За жал, издупченото судство (нефер-плејот) ја кине Македонија и ВМРО-ДПМНЕ инсистира тоа така да остане – фалично. Инаку, тие не би имале ништо против продолжување на преговорите токму со поглавјето за правда и судство. Тие сакаат лично, императорски да делат „правда“ и тоа е свирчето за кучиња (dog-whistle) со кое пропагираат, всушност, одмазда кон сите кои не го прифаќаат нивниот племенски наратив. Но, токму на моралниот, врзивен дел од општеството му е преку глава од фетишизирање некој лик како авторитет и неподносливо му е конзервативното стискање во лојални стада и племенизирање преку некакви „чистоти“ на разни карактеристики за да сме биле „обединети“. Разбивачите на врзивното општествено ткиво повикуваат на „обединување“, кое, пак е уште едно кучешко свирче за лојалност („ве надгледуваме“ е пораката). Ваквите догматски, вештачки „морали“ („авторитетен лик“, „лојалност без замерка“, „чистоти, светости“ и разни патријархалности) водат во фашизирање на општеството во полната смисла на зборот, сосе диктатура, затвореност на мислата и пропаѓање, а не во развој и добросостојба.