Втор ден трае потрагата по резервистот на американската армија Роберт Кард, осомничен за убиство на 18 и ранување на 13 лица во масовно пукање во Мејн.
Локалната полиција соопшти дека Кард е вооружен и опасен и побара од граѓаните да не излегуваат од домовите поради безбедносни причини.
Полициските екипи синоќа ја пребараа последната позната адреса во Будин поврзана со Кард, соопшти полицијата за Си-Ен-Ен. По неколку часа полициските службеници го напуштиле местото, и не е познато што ја поттикнало полицијата да го изврши овој претрес.
Портпаролот на Одделот за јавна безбедност на Мејн рече дека полицајците „едноставно ја извршуваат својата должност следејќи ја секоја трага во обидот да го лоцираат и уапсат Кард“. Тој додаде дека полицијата извршила повеќе претреси.
Најмалку 18 лица загинаа, а 13 се ранети во пукањето во Луистон во американската сојузна држава Мејн, соопшти вчера гувернерката Џенет Милс. Училиштата во Луистон и во другите окрузи вчера беа затворени, а многу училишта остануваат затворени и денеска.