На седница на Управниот одбор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, претседателот на Управниот одбор, Идриз Орана, со членовите од ВМРО-ДПМНЕ усвоија одлука, со која им се прекинува работниот однос на привремено вработените во претпријатието, соопштуваат оттаму. Како што е наведено во соопштението, потпишано од директорот Драган Илиевски, прекинати им се договорите на водоинсталатери, механичари, инженери, возачи, односно технички персонал од ЈП „Водовод и канализација“ кои со години работеле во ова претпријатие.
Оттаму ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ како најодговорна за превработеноста во ова претпријатие од времето на нивното владеење.
„И додека претпријатието е превработено со административци, ЈП Водовод и канализација се соочува со сериозен недостаток на технички персонал како водоинсталатери и инкасатори кои сега членовите на Управен одбор ги бркаат од работа. Секако, за ВМРО-ДПМНЕ воопшто не е важно што на овој начин директно се загрозува безбедноста на градот Скопје, но и редовната и непрекината испорака на услугите на ЈП „Водовод и канализација“ до секој дом во главниот град. За ВМРО-
ДПМНЕ единствено што е важно е непрекинати да им се нивните партиски
вработувања во администрација по системот „клати врата, земај плата“, наведено е во соопштението.
Целта на партијата, според Илиевски, е да се предизвика нов хаос во главниот град.
„Притоа воопшто не се грижат за потребите на граѓаните на главниот град, нивната безбедност и со Устав загарантираното право на испорака на вода“, наведено е во соопштението.
На 3 ноември, имаше тепачка во претпријатието зашто членовите на управниот одбор не прифаќале да одат на петтиот кат да одржат состанок, а обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата еден кат подолу.
Како што објави порталот СДК, проблемот настанал откако по наредба на директорот Драган Илиевски им било забрането да држат состанок во канцеларијата на 4 кат, каде што со години се одржувале состаноци. Им било речено да одат на петтиот, најгорен кат, каде нема канцеларија туку треба да држат состанок во ходник. Членовите на УО не прифаќале да одат на петтиот кат, но обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата, по што настанала тепачка.
Извор Мета.мк