Претседателот на САД Џо Бајден вчера рече дека Соединетите Држави размислуваат да се откажат од гонењето на Џулијан Асанж, основачот на Викиликс кој со години беше затворен во Лондон додека се бореше против екстрадицијата за да се соочи со американските обвиненија поврзани со неговото објавување доверливи документи, пишува Њујорк Тајмс.
– Го разгледуваме тоа, му одговори американскиот претседател на новинар кој се интересираше дали има одговор на барањето на Австралија да се прекине кривичното гонење на нејзиниот државјанин.
– Направете ја вистинската работа, откажете се од обвиненијата, напиша подоцна на Х сопругата на Асанж.
Таа на истата платформа информира и дека германскиот канцелар Олаф Шолц е против екстрадиција на Асанж.
Germany’s Chancellor Olaf Scholz: Don’t Extradite Assange#FreeAssangeNOW
— Stella Assange #FreeAssangeNOW (@Stella_Assange) April 10, 2024
Американските обвинители бараат процес против 52-годишниот Асанж поради објавувањето бројни американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс.
Вашингтон тврди дека Австралиецот ги загрозил животите на американските агенти и оти нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој беше гонет за откривање американски злосторства.
Екстрадицијата на Австралиецот беше ставена во мирување во март, откако Високиот суд во Лондон наведе дека САД мора да обезбедат гаранции дека тој нема да се соочи со смртна казна.
Адвокатот на Џулијан Асанж во својата прва реакција ја нарече „охрабрувачка“ најавата дека американскиот претседател го разгледува барањето на Австралија да се откаже од негово кривично гонење.