Со филмот владеат политички династии. Ако се наградуваат политички династии, младиот човек ќе биде демотивиран, односно ќе биде мотивиран што побргу да побегне. Ако види дека живее во фер општество, колку и да е тоа сиромашно, ќе има доверба во системот. Иако корупцијата што ја укажав изминативе години ја потврдија и државни институции, инспекции, Министерството за култура, а и Транспаренси интернешнл – сепак, самата влада не ги казни виновниците за корупцијата, туку ме казни мене како укажувач, вели во интервју за МИА режисерот Милчо Манчевски.
-Се финансираат проекти на гангстери од политички династии, филмови кои никој не ги гледа ниту дома, ниту во странство, кои не се поддржани од светски копродукции, не играат на релевантни фестивали (за награди и да не зборуваме), домашната публика ги игнорира… Па, зошто тогаш се снимаат тие филмови, наместо филмови на талентирани млади (или докажани) автори? Дали некои од тие филмови вратиле дел од приходот на државата, како што пропишува законот (моите да)? Дајте ги фактите. Извештајот на Министерството за култура е прв чекор во отворањето на таа црна дупка на народни пари и невидливи филмови. Разрешувањето на овој проблем е битно не само за културата, туку и за тоа како граѓанинот ја доживува својата земја и дали ќе сака да живее во неа. Ова е војна со криминалци, со филмска мафија, ова не е кавга на две јатрви на капиџик или битка на кланови. Ова е борба за законитост наспроти политички прогон на укажувач на корупција, вели Манчевски.
Тој во интервјуто за МИА на прашање која е најголемата инспирација кога почнува да работи на нов проект, ја посочи радоста од создавање нешто од ништо, како и насмевката при создавање приказна и експериментирање во формата.