Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Холандија во нашата земја, Дирк Јан Коп. На средбата се разговараше за актуелни теми како што е состојбата и справувањето со вирусот Ковид -19, политичката клима во земјава и можноста за одлагање на престојните избори како и економските последици и начините на нивно справување од страна на државата.
Претседателот Заев истакна дека СДСМ како партија денеска го изнесе својот став за одложување на изборите до смирување на состојбата со Коронавирусот, затоа што здравјето на граѓаните е од примарно значење. Она кое што следува е лидерска средба на која ќе бидат потврдени ставовите и на другите политички партии.
Тој посочи дека нашата земја презеде навремени чекори во однос на превенција и препораки до граѓаните со цел спречување на ширење на Коронавирусот и засега добро се справува со истиот. Институциите, водејќи се од искуството и информациите на другите земји кои беа погодени претходно од Ковид -19, се подготвени и организирани и со опрема и кадри.
По најпозитивниот извештај на ЕК за напредокот на нашата земја и безусловната препорака за почеток на преговори со ЕУ, претседателот Заев истакна дека оправдани се и очекувањата дека Северна Македонија ќе добие зелено светло за старт на преговори, а тоа ќе биде потврдено на состанокот на Европскиот совет на 26, 27 март.
Амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп, истакна дека земјава навистина бележи голем напредок преку реформите и мерките кои досега ги направила, а и нејзината подготвеност и посветеност за уште повеќе. Тој додаде дека токму новата методологија на ЕУ е таа која што за земјите како нашата, подготвени за реформи и напредок, ќе биде само чекор напред во нејзиното напредување низ поглавјата и добивањето на статус членка на ЕУ.
Двете страни се согласија дека досегашната соработка на двете земји е одлична и така ќе продолжи и понатаму. Холандија е голем поддржувач на Северна Македонија и за нејзиното членство во НАТО и ЕУ.а