На денешен ден, пред 80 години е формиран оркестарот на Македонската филхармонија, 11 дена по ослободувањето на Скопје, во домот на композиторот Тодор Скаловски.
Како што истакнуваат од Филхармонија, духот на слободата бил преточен во музика, во насушна потреба за креирање уметност, култура, идеали и вредности кои претставуваат столб на секоја држава.
Како најстара институција во земјата, Македонска филхармонија осум децении гради успешна музичка приказна – создава трајни уметнички вредности, едуцира, ја промовира класичната музика на највисоко ниво.
Музиката е нашиот ветер во едра, исконска сила која постојано не движи напред, кон нови звучни предизвици и концертни доживувања кои немаат реприза. Осумдецениската музичка одисеја на нашиот оркестар продолжува и во новата јубилејна концертна сезона. Со нови солисти, диригенти и дела кои ќе ги стимулираат вашите сетила, ќе отворат нови звучни хоризонти, ќе испишат уште една значајна страница во историјата на нашата институција, се наведува во објавата од Филхармонија.