Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски со бронзен медал се врати од неодамнешното Европско сениорско првенство во Атина. Тој настапуваше во категоријата кик лајт, + 94 кг и беше блиску до финалето. И покрај пропуштената шанса да се бори за златото, Михалјовски во интервју за МИА, како успешен го оцени својот настап во грчката престолнина.
1. Стефан, дали си задоволен со бронзениот медал, и колку фалеше да се пласираш во финалето?
Првенствено како посветен спортист во областа на кикбоксот учеството на Европското првенство за сениори како и претставувањето на нашата држава како дел од репрезентативниот тим за мене претставуваше голема чест. Среќен сум што донесов медал за Македонија. Првата борба ми беше против германскиот репрезентативец Стефан Тих во која сметам дека одлично се претставив и прикажав боречки техники постигнати со макотрпни тренинзи и подготовки. Секако дека сум задоволен со освојувањето на бронзениот медал на ова Европско првенство, иако многу малку недостигаше во втората борба со украинскиот репрезентативец Бабенко да влезам во финалето и да се борам за златниот медал. Се работеше за разлика од еден поен согласно одуката на судиите, но сепак резултатот не беше поволен за мене. Иако не влегов во финалето сепак закитувањето со бронзен медал е спортски успех, големо искуство и можност за прикажување на постигнатите спортски вештини.
2. Што треба да се направи за да се дојде до медал на едно ЕП во кикбокс?
Учеството на големи натпреварувања како што се светски, европски и балкански првенства пред се бара еден континуитет во спортските тренинзи кои се одржуваат во матичниот клуб каде членуваат спортистите. Постојаното надградување и подобрувањето на спортските вештини во делот на кикбоксот како и унапредувањето во вежбите за зголемување во снагата, издржливоста, координацијата и агилноста се основен предуслов за постигнување на спортски успех кај спортистите. Постигнатите вештини првенствено се прикажуваат на државно ниво преку учество на државните првенства организирани од страна на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, па оттаму постигнувањата на државно ниво се основен предуслов за учество на големите светски, европски и балкански првенства како дел од репрезентативниот тим на нашата држава. Освојувањето на медали на овие првенства пред се зависи од сите горенаведени предуслови, а секако и од моменталните противници и одлуките на судиите пред се кога се работи за тесна борба.
3. Член си на клубот Прокик-Фемили. Раскажи ни како изгледаат твоите тренинзи.
Член сум на Клубот Прокик-Фемили веќе години наназад. Еден мој секојдневен тренинг првенствено започнува со основни вежби за загревање на телото како подготовка за продолжување со тренинг како и вежби за подобрување на брзината, моториката и координацијата. Потоа следуваат вежби за стречинг, односно истегнување на екстремитетите на телото, со посебен осврт во делот на нозете и рацете заради намалување на можноста од настанување на спортски повреди за време на тренингот. Во согласност со насоките на мојот тренер тренингот продолжува со практикување и подобрување на кикбокс вештините преку индивидуална работа со тренерот како и преку учество во спаринзи со останатите членови во клубот. Тренингот завршува со вежби за зголемување на снагата и издржливоста на телото. Освен секојдневниот тренажен процес пред учество на првенства по кикбокс секако одреден период претходно воведувам дополнителен тренинг во текот на секој ден заради зголемување на издржливоста и кондицијата за време на борбите.
4. И во минатото имаш успеси на меѓународна сцена. Дали добиваш поддршка од државата? Помага ли федерацијата, со опрема, реквизити, суплементи, обезбедување учество на силни тренинг-кампови со врвни европски кикбоксери?
Во досегашното спортување имам постигнато бројни спортски резултати како на државно така и на меѓународно ниво. Изминативе години освен поддршката од страна на клубот во кој што членувам поддршка имам и од државата преку обезбедување на стипендии , систем ваучери и останати финансиски поддршки во зависност од моите претходно постигнати спортски резултати. Секако нашата Кикбокс Маитаи федерација на Македонија несебично ме поддржува во секој поглед, стремејќи се кон се поголема финансиска поддршка која секако пред се зависи од моменталната финансиска можност на самата Федерација. Во однос на овозможувањето на силни тренинг – кампови со врвни кикбоксери кои за нас спортистите би било искуство и можност до идни успеси за жал не сме во можност да го оствариме со оглед на тоа дека за истото освен контакти и соработки со останатите држави потребни се поголеми финансиски средства кои за нас спортистите во овој момент се голем предизвик. Во иднина се надевам дека со новоформираното Министерството за спорт ќе биде продолжена и зголемена финансиската поддршка на спортистите, клубовите и федерациите се со стремеж кон поголеми спортски успеси за нашата држава.
5. Твојот колега Бобан Илиоски стана европски шампион, а има и титула светски првак. Можеме ли и од тебе да очекуваме злато од големите натпреварувања? Твоите планови за понатамошната кариера.
Спортски честитки за колегата Бобан Илиоски кој постигна успех кон кој се стремиме сите ние спортистите. Моите планови за понатамошната кариера се насочени кон одржување и подобрување на кикбокс вештините и сите останати потребни вештини преку секојдневни спортски тренинзи во матичниот клуб со мојот тренер, прибирање на нови искуства на сите првенства кои ќе се одржуваат во иднина без оглед на државно или меѓународно ниво со стремеж во иднина кон освојување на нови медали, а секако со надеж кон освојување на златен медал како најголемо постигнување. Се надевам времето ќе покаже дека сум насочен и спремен кон поголеми спортски постигнувања, а она за што сонувам ќе прерасне во моја реалност.
6. Каков е интересот за овој спорт кај младите? Има ли долна граница од кога може да се почне да се тренира со кикбокс?
Можам да забележам дека интересот за кикбоксот изминативе неколку години е во постојан раст. Сите сме сведоци на тоа дека се повеќе млади се насочени кон спортот воопшто и кон здравиот живот. Според мене долната граница за да се започне со тренирање на кикбокс сметам дека е шест години, со оглед на тоа дека децата пред се треба да имаат развиена основна координација и моторика која е индивидуална за секое дете како и да бидат спремни за впивање на спортски техники согласно својата возраст.
7. Дали кикбоксот е „машки спорт“ или има интерес и кај понежниот пол. Застапени ли се девојките во вашиот клуб?
Не сметам дека кикбоксот е „машки спорт“, туку напротив е спорт за сите без оглед на полот. Изминативе години нивото, развојот и условите во спортот се значително подобрени, па оттаму се поголем е интересот и кај понежниот пол, без оглед дали се работи за рекреативно спортување или спортисти – натпреварувачи. Во нашиот клуб Прокик-Фемили на спортските тренинзи има учество и од понежниот пол, а истите се третирани идентично како и припадниците на посилниот пол. Сметам дека е време кикбоксот да не се дефинира единствено како груб спорт кој не е за понежниот пол, односно да се гледа како спорт од кој што освен изучување на корисна боречка техника може да доведе до раст и развој на координација, моторика , агилност, упорност, истрајност како и дисциплина кои се значајни афинитети за понатамошниот живот на учесниците.
Зоран Стерјовски/МИА