Имаме цврсти планови како да ги заштитиме нашите една милијарда луѓе во денешниот поопасен свет, но немаме се што ни е потребно за да ги спроведеме целосно доколку тоа биде неопходно, па затоа една главните тема на утрешната средба министрите за одбрана на НАТО ќе бидат трошоците за одбрана, најави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
– Сега се работи за да се договорат амбициозните нови цели за одбранбена способност на сојузниците, кои ќе бидат клучни за да се осигураме дека ги имаме соодветните луѓе и опрема за одвраќање и одбрана, истакна Руте на прес-конференцијата во пресрет на министерската средба.
Според него, за зајакнување на одбраната неопходно е членките на НАТО, особено во Европа, но и Канада, да инвестираат значително повеќе во одбранбените трошоци,
– Знаеме што треба да се направи. И веќе чекор по чекор се движиме во вистинската насока. Европските сојузници се засилуваат, потенцира Руте.
Тој истакна дека од 2014 година европските сојузници и Канада одделиле дополнителни над 700 милијарди долари за одбрана, при што само лани тие инвестирале 485 милијарди американски долари во одбраните потреби, што е за речиси 20 отсто повеќе во споредба со 2023 година,
– Две третини од сојузниците трошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана. Очекувам уште поголем број сојузници да ја исполнат и, во многу случаи, и да ја надминат оваа цел во 2025 година. Значи, гледаме значителен напредок. Но, треба да направиме многу повеќе за да го имаме она што ни е потребно да одвраќаме и да се одбраниме и за да има порамномерно споделување на товарот. Исто така, треба да произведуваме повеќе, заедно, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Руте потенцира дека на утрешната министерска средба ќе почнат и подготовките за Самитот на НАТО во Хаг во јуни, а ќе стане збор и за зајакнување на трансатлантскиот одбранбен индустриски капацитет, преку ажуриран Акциски план за одбранбено производство.
– Во изминатите неколку години, видовме значително зголемување на одбранбено производството ширум Алијансата. Но, треба да одиме понатаму и побрзо. Немаме време за губење, рече Руте.
Тој нагласи дека очекува министрите да договорат голем број други важни иницијативи, меѓу кои и нова Комерцијална стратегија за Вселената и понатамошно зајакнување на интегрираната противвоздушна и ракетна одбрана на НАТО.
Руте најави дека во рамки на Советот НАТО-Украина министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата ќе се сретнат со нивниот украински колега Рустем Умеров и се високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и одбранбена политика Каја Калас, за да разговараат за поддршката на Киев.
Според Руте, на ланскиот Самит на НАТО во Вашингтон, сојузниците ветија дека ќе и дадат на Украина 40 милијарди евра воена помош во 2024 година, а досега обезбедија над 50 милијарди евра, од кои над половина доаѓаат од европските земји и од Канада.
– Ова испраќа јасен сигнал за нашата непоколеблива посветеност на Украина. Но, за навистина да ја промениме траекторијата на конфликтот, треба да направиме уште повеќе. Колку е посилна Украина на бојното поле, толку посилна ќе биде на преговарачката маса и толку се поголеми шансите да се постигне добар договор за траен мир. Тоа е она што сите го сакаме. За Украина, за нашата заедничка безбедност и за глобалната стабилност, рече Руте, додавајќи дека се согласува со ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека мора да има прераспределба на товарот за воената помош за Украина.
Руте најави дека на состанокот ќе стане збор и за руската кампања за дестабилизирачки активности против сојузниците на НАТО.
– Гледаме акти на саботажи, атентати, опасно загрозување на цивилните авиокомпании и напади на критична инфраструктура, вклучително и подводната. НАТО одговара на тоа – преку „Балтик Сентри“ во Балтичкото Море и со зголемена будност насекаде, додаде Руте.