Сесловенските просветители родум од Солун, Светите браќа Кирил и Методиј во светската историографија се прифатени како творци и поттикнувачи на развојот на словенската писменост и книжевност, преку ширењето на христијанството и богослужбата на словенски јазик во 9. век. Во таа смисла, историски, творците на словенската азбука денес им припаѓаат на сите народи и нации од словенското јазично семејство (Македонци, Срби, Бугари, Украинци, Руси, Белоруси, Црногорци), кои ја користеле првата словенска азбука – глаголицата, создадена од првите сесловенски просветители, и / или кирилицата, создадена од нивните ученици и реформирана од нивните наследници; им припаѓаат и на народите кои денес официјално го пишуваат својот национален јазик со латиница, но ги зачувале клучните словенски јазични белези и словенскиот идентитет (Хрвати, Словенци, Бошњаци, Словаци, Чеси, Полјаци, а Република Словачка ги има впишано Светите Кирил и Методиј и во Преамбулата на својот државен Устав); натаму, мнозина и во Грција сметаат дека Светите браќа ѝ припаѓаат на тамошната државна историја – поради тоа што двајцата, како и нивното семејство, првично биле поданици на Ромејското Царство, т.е. Византија, а некои Грци ја сметаат Грција за своевиден наследник на тоа Царство од средниот век; најпосле, словенските учители ѝ припаѓаат и на историјата на несловенските народи кои користеле кирилица во минатото (Романците, Молдавците, Азербејџаните), или пак, сѐ уште ја користат (Монголците, Осетите, Таџикистанците, Казаците, Киргизите).
Но, и покрај сѐ тоа, денес, најчесто од дневнополитички потреби, се покренува прашањето за нивната „нација“, поточно народноста, потеклото, јазикот, како и лојалноста кон одредена држава. Разговарајќи со повеќе историчари и прегледувајќи домашна и странска литература, ќе се обидеме да одговориме на прашањето: На која средновековна нација ѝ припаѓале Св. Кирил и Методиј?
Пред сѐ, што е „нација“?
Поимот „нација“ денес се изедначува со државата. Поточно, нацијата се опишува, главно, како народ со своја држава, или пак, со одредена автономија или самоуправа. Политичките дефиниции за нацијата произлегуваат од времето на Просветителството во Европа во 18. век, Американската и Француската револуција, како и сите други слични културно-просветни пројави и вооружени борби во 19. и 20. век потоа.
Но, за нации се пишувало и претходно.
Во шпанскиот еп „Араукана” од 16. век, на пр., поетот Алонсо де Ерсија и Зуњига говори за Македонци, Албанци, Грци, Бугари и другите „нации“ (naciones) кои учествувале во Битката кај Лепанто (средна Грција), во 1571 г., како сојузници на Венеција и Шпанија, против Отоманските Турци. Македонскиот полк во рамки на Руската армија од 18. век, исто така, се поврзува со „македонската нација“, а тоа биле војници, хусари – доселеници од Македонија. И „Аналите од Бари“ (извор датиран околу 1046 година), говорат за „нации“ (nationum), а тоа биле: Македонци, Руси, Бугари, Туранци, Вандали и др., кои претходно, во 1027 г., со ромејската војска учествувале во поход кон Сицилија. Има и многу други примери.
Поимот „нација“ во 18., 16., 11. или 9. век нема никаква врска со концептот „држава“.
Тоа ќе рече: Зборот „нација“ постоел и во 16. век и претходно, но имал поразлични, неполитички сфаќања наспроти денешното значење. Во тогашната смисла, тој поим бил еднаков или близок до: етнос, етникум, етничка група, род; одделен, посебен, засебен народ. Според историчарот Бранислав Светозаревиќ, како и мнозинството негови колеги, современите нации се обликуваат и утврдуваат во 19. век и потоа.
Солун – најважниот град на Македонците
Јован Каменијат, кој живеел во 10. век, подвлекува: „Ние сме од Солун“ (т.е. Тесалоника, коешто, според објективните сознанија – не е нужно грчко име); но тој вели и дека Солун бил „Прв (т.е. најважен, з.п.) град на Македонците”. И римско-грчкиот хроничар Теодорит од Кир во 5. век запишал: „Градот (Солун) …му припаѓа на македонскиот народ (‘Μακεδóνων ɛ̃θνος’ / ‘Maкедонон етнос’)“. Тој описен епитет „Солун – прв град на Македонците“, го користат и повеќе други хроничари од средниот век, на пр. Никифор Григора (живеел во 14. век), Ѓорѓи Пахимера (13. век), а подоцна и Феликс Петанчиќ, Мартин Сегон итн.
Мнозина можеби ќе протолкуваат дека, ако Солун бил „најважниот град на Македонците”, тоа би го потврдило македонското етничко потекло на Св. Кирил и Методиј.
Сепак, според историчарите, како што е професорот Стојко Стојков – кој е стручњак за македонскиот среден век, Солун и во Ромејското Царство, бил мултикултурен град.
– Во строга смисла, тогаш нема нации. Потоа, за нивното потекло не се знае позитивно ништо, освен дека се од познат солунски род. Солун бил космополитски град, така што можеби биле од македонско, друго, мешано потекло – не знаеме. Во негативна смисла, има индикации дека не биле Словени. Единствената сигурна идентитетска самоопределба што ја забележуваме кај нив е – христијанската. Можеби имало и ромејска, но таа е космополитска, надетничка, изјави Стојков.
Прашан, како Светите браќа го нарекувале својот јазик, Стојков нагласува дека тие го говореле словенскиот јазик, а го нарекувале со само еден назив – словенски јазик.
– Зависи што нарекувате нивен јазик. Тие го знаеле словенскиот јазик чисто, како и сите солуњани. Но, тоа, веројатно, за нив бил втор јазик. Тој јазик, тие и сите нивни ученици, и сите словенски автори до крајот на 13. век го викале само со едно име – словенски, подвлекува Стојков.
За животот и дејноста на Св. Кирил и Методиј изворно дознаваме од „Пространите житија“ (’Панонски легенди’), напишани од нивни ученици, потоа – нивните похвални слова, „Италијанската легенда“, „Пространото Климентово житие“, „Краткото Кирилово житие“, „Солунската легенда“, „За буквите“ од Црноризец Храбар, како и повеќе други словенски, грчки и латински извори.
По прашањето за народноста на Светите браќа, според проф. Александар Атанасовски, проучувачите се поделиле во четири групи. Тоа се: 1. тие што ги сметаат за Словени, 2. – за Грци, 3. оние кои велат дека нашите просветители по татко се Грци, а по мајка – Словени и четвртите – кои се претежно бугарски истражувачи, словенското потекло го изедначуваат со „бугарско“ па ги сметаат за „Бугари“ или „бугарски Словени“.
– Како и да е, во времето кога биле родени Св. Кирил и Методиј, Солун бил далеку од бугарската држава, поточно границата меѓу Византија и Бугарија се наоѓала кај Софија. И, во Солун и околината не живееле Бугари туку „Словени“ кои бугарските историчари денес неаргументирано ги нарекуваат – „бугарски Словени“. Таква категорија и такво име на народ не постои во историјата, посочува Атанасовски.
Најголем број приврзаници има првата теорија. Атанасовски посочува дека, ако внимателно се читаат „Панонските легенди“, авторот на неколку места зборува за „нашиот род“ и „нашиот учител и наставник“, па бидејќи авторот бил од словенски род, со тоа јасно го нагласил и словенското (барем делумно) потекло на просветителите.
– За словенското потекло на Методиј станува збор и во еден извадок што се однесува на покрстувањето на Карантанците (предци на денешните Словенци), каде што се вели: „Дојде еден Словен од пределите на Истра и Далмација, по име Методиј, кој ја пронашол словенската азбука, ја исполнувал божествената служба на словенски јазик и станал причина да се изостави латинскиот јазик“, цитира Атанасовски.
Тука се поставува и прашањето: Што е Словен? Дали е тоа етничка или јазична припадност? Дали е ендоним или егзоним?
Во 9. век, кога Светите браќа живееле, дејствувале и работеле на развојот на пишаниот словенски збор, називот „Словен“ бил ендоним – име коешто еден човек го употребува за себеси, или во случајов – за својот јазик. Од друга страна, пак, според проф. Атанасовски, првично и изворно, зборот „Словен“ е егзоним – име што другите го употребуваат за туѓ народ. Историчарот вели и дека тоа не било изворно етничко име.
– „Склав, склавус“ (Sklav, sklavus) на латински значи „роб“ – категорија население. Кај нас погрешно се преведува, вели Атанасовски.
Проф. Стојков се согласува дека називот „Словен“ бил и егзоним, и ендоним. За византиските автори, во 7. век тој назив е етничка категорија, во смисла – „припадник на словенскиот етнос“, се вели. Но, во суштина, тоа име се однесувало на повеќе јазично сродни племиња, т.е. народи.
– Така што, (називот Словен) е и етноним и ендоним. Со сигурност е ендоним кај некои словенски автори во 9. до 11. век, најмалку. Во старословенскиот јазик нема разлика меѓу „словенски јазик“ и „словенски народ“ – се изразува со исти зборови, т.е. тоа е сфатено како еден поим – барем до 14. век. Но, тоа секако е и лингвистичка категорија, при што на словенскиот јазик се гледа како на лингва франка. Понатаму го наоѓаме како ендоним. Значи, тоа е и политоним и етноним и „лингва-ним“ и егзоним и ендоним, но не знаеме дали постојано или во различни случаи – различно, појасни Стојков.
И според историчарот Светозаревиќ, тоа име попрво е егзоним, како и јазична одредница.
Приврзаниците на втората теорија – за грчкото потекло на Св. Кирил и Методиј, се повикуваат на Меморандумот на Салцбуршката архиепископија до папата Јован Седми, каде што Методиј е означен како „некој си Грк“ (quidam Graecus Methodius). Но, овој податок го означува само подаништвото на Методиј кон Ромејското Царство, т.е. Византија (коешто во латинските извори се нарекува: грчко), и не се однесува на некаква етничка припадност.
Како што посочуваат историчарите – во средниот век, државите, кралствата и царствата никако не се граѓански или национални држави, туку разнолики конгломерати со поданици од разни и најразлични народи во своите рамки. Во таа смисла, ниту државата, ни подаништвото, па дури ни лојалноста кон еден владетел не можат да се поистоветуваат со нација / народ / етнос.
– Последното гледиште – за бугарското наводно потекло на Св. Кирил и Методиј се темели на податоците што се содржат во „Краткото кирилово житие“ (или ’Успение Кирилово’), каде што се наведува дека Кирил бил „по род Бугарин“. Всушност, во постарите ракописи на тоа житие пишува дека бил Словен по род. Во подоцнежните преписи, поимот „Словен“ бил заменет со црковниот назив „Бугарин“… Вториот извор е „Солунската легенда“. Но, како што може да се забележи во текстот, податоците повеќе се однесуваат на дејноста на Кирил Кападокиски – бидејќи неговата татковина е Кападокија, а само последниот пасус може да се доведе во врска со Константин-Кирил, но и тоа не е сосем сигурно, објаснува Атанасовски.
Бугарски или ромејски поданици?
Според историчарите, бугарските политичари особено целат кон негирање на македонскиот народ и македонскиот јазик, т.е. македонскиот идентитет. Но, една од целите е и да се докаже наводната лојалност на Светите браќа кон бугарската држава, па дури и нивна припадност кон некаква „бугарска“ нација.
– Историчарите и лингвистите, а посебно политичарите од соседна Бугарија, како и некои политичари од нашата држава – Република Македонија, дејноста на Св. Кирил и Методиј сакаат да ја прикажат како дело на средновековната бугарска држава, а на јазикот и книжевноста им даваат бугарски атрибути и со тоа целат да докажат дека Бугарија е „најзаслужна“ за ширењето на словенската (т.е. „бугарската“) книжевност и богослужба, обидувајќи се дури „да докажат“ и дека Кирил и Методиј биле некакви „Бугари“, додава Атанасовски.
Свети Методиј, како што не бил турански Бугарин, така, најверојатно, не бил ниту етнички Грк, но историчарите се согласуваат дека бил византиски поданик (Ромеј), и дека неговата мисија во словенските земји почнала како византиска мисија, заради византиските политичко-стратешки цели.
– Главната задача што требало Методиј да ја изврши како владар на „словенското кнежевство“ во полза на византискиот дворец, била да ги зајакне византиските позиции во североисточна Македонија којашто станала цел на зачестените бугарски напади и заземања, а исто така, да ги придобие Словените на своја страна за да може да му парира на Бугарско-германскиот сојуз, појасни Атанасовски.
Тој Византиско-моравски сојуз бил насочен директно против бугарската политика и против бугарските државни интереси.
Но, Словените од кнежевството на Методиј не ги познавале грчките букви, поради што Византија напомош му го испратила брат му Константин-Кирил, со кого Методиј ја составил азбуката глаголица – во 855 година. Така, тие ги напишале и првите написи и книги на словенски јазик.
Првата словенска азбука и пишаниот јазик
Глаголицата е првата словенска азбука и таа имала 41 буква. Светите браќа ја создале непосредно пред Моравската мисија од 863 година, за преведување на Библијата и други книги на словенските јазици. Азбуката го добила името по старословенскиот збор „глаголъ“ што значи – „збор“.
Постојат два типа глаголица: заоблена и аглеста. Заоблената глаголица е присутна насекаде во словенскиот свет, каде што минале Св. Кирил и Методиј, а аглестата ја имале само Хрватите. Во Македонија, според досегашните сознанија и наоди, глаголицата конечно престанала да се користи во 12. – 13. век, кога била трајно заменета со кирилицата.
Башчанската плоча е еден од најзначајните и еден од најстарите зачувани старословенски натписи. Напишан е со глаголица, околу 1100 година. Пронајден е во црквата „Св. Луција“ на хрватскиот јадрански остров Крк.
Хрватската глаголица има занимлива историја, подолга од 1.000 години. Хрватите биле единствениот народ во Европа кому Папата му дозволил да го користи својот јазик и писмо во црквата. Така, глаголицата донесена во Далмација од следбеници на Светите браќа – нашироко се употребува во Хрватска сѐ до 19. век. Денес глаголицата се користи само во црковнословенските книги во католичката Крижевска епархија во Хрватска.
Ромејскиот император Михаил Трети „им наложил на Константин (Св. Кирил) и неговиот брат да почнат со превод на религиозни написи на стариот црковнословенски пишан јазик – најверојатно заснован на македонскиот говор којшто се употребувал во нивниот роден град Солун и околината“, пишува романскиот историчар Флорин Курта.
Со тоа се согласуваат и француската лингвистка Клер де Февр, рускиот филолог Михаил Максимович, па и бугарскиот етнограф Иван Шишманов. Во науката, општоприфатен заклучок е дека: стариот словенски јазик се заснова на македонското наречје кај Солун.
Шишманов во 1918 г., пишува дека на „старобугарскиот“ јазик (мисли на старословенскиот, а не изворниот турано-бугарски јазик), „основата му е македонското наречје“ од околината на Солун.
Слободан Иванов /МИА