САД мора да му ја надомести штетата на Иран што ја предизвика за време на војната минатиот месец, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на министерот за надворешни работи на Иран, откако Техеран зазеде построг став и постави нови услови за продолжување на нуклеарните разговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
-Тие треба да објаснат зошто нè нападнаа за време на преговорите и мора да осигураат дека нема да го сторат тоа повторно (за време на идните разговори). И мора да ја надоместат штетата што ја предизвикаа, рече иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во интервју за „Фајненшл тајмс“ во Техеран.
„Фајненшл тајмс“ објави дека Арагчи и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, размениле пораки за време и по војната, при што иранскиот функционер му ја нагласил на својот американски колега потребата од заемно корисно решение за да се стави крај на долготрајниот застој околу нуклеарната програма на Иран.
Главниот нуклеарен преговарач на Иран рече дека на Иран му се потребни вистински мерки за градење доверба од нивна страна откако Виткоф предложи продолжување на разговорите. Тој рече дека тоа треба да вклучува финансиска компензација, без да образложува, како и гаранции дека Иран нема повторно да биде нападнат за време на преговорите, според „Фајненшл тајмс“.
Соединетите Американски Држави ги нападнаа нуклеарните постројки на Иран во јуни, за кои Вашингтон вели дека се дел од програмата за развој на нуклеарно оружје. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма се користи исклучиво за цивилни цели.