Струмица по четврти пат ќе биде центар на регионалната музичка сцена, кога на 7 септември ќе се одржи големата Get EXITed забава, која редовно собира илјадници посетители од цела Македонија и регионот, соопштија организаторите. Тие најавуваат дека на иста бина ќе се одвиваат настапите на светската диџејска супер ѕвезда Џекс Џонс и регионалните ѕвезди, меѓу кои се Бејби Лазања, еден од најбараните изведувачи на нашите простори, како и легендите на регионалната рок сцена, Бајага и Инструктори.
Се додава дека по досегашните три изданија, што на публиката ѝ понудија богата и разновидна музичка програм, Get EXITed и Општина Струмица и оваа година продолжуваат со истиот квалитет и динамика да создаваат програма која обединува различни музички светови.
Во текот на изминатите години, Струмица ги пречека големите имиња од светската и регионалната сцена како Џон Њуман, Бурак Јетер, Дебора Де Лука, Сенида, Махмут Орхан, Констракта, Ван Гог, 2Бона и многу други, привлекувајќи илјадници посетители.
-Следејќи ја традицијата, оваа година, Get EXITed забавата во Големиот градски парк на 7 септември носи нови изненадувања и извонредни настапи. Од првите тактови па сè до раните утрински часови, публиката ќе има прилика да ужива во моќни поп-мелодии збогатени со гитараски рифови и енергичен рок, а надополнети со актуелниот светски електронски звук. Останатиот дел од целосната програма ќе биде познат наскоро, се наведува во соопштението.
Фестивалската манифестација ќе се одржи во Големиот струмички парк, а влезот ќе биде слободен за сите посетители.