Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на посетата на Унгарија, денеска имаше средба со унгарскиот министер за национална економија Мартон Наѓ, на која се разговарало за движечките проекти на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, планираниот економски раст, нови инвестиции и актуелни политики.
Како што соопшти Министерството за транспорт на средбата исто така станало збор и за економските политики на Владата на Унгарија и нивниот план за раст како и можностите за уште позасилена економска соработка помеѓу двете држави.
-Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет на Македонија и Унгарија, како услов за забрзан економски раст и подобра поврзаност во регионот. Договорот Влада со Влада кој се потпиша помеѓу Македонија и Унгарија исто така носи големи придобивки за граѓаните на двете земји, потврдија двајцата министри. Односите меѓу двете земји се на одлично ниво и тие ќе се интензивираат во делот на економијата и инвестициите, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, од вчера е во посета на Будимпешта и присуствува на прославата на Националниот ден на Унгарија.