Во поткровјето на Јавна соба (Public room), на 28 август со почеток во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Тело без душа“, прво авторско дело на Елена Цветковска. Промоција ќе биде збогатена со настап на џез музичари, проекција на 15 минутен филм во контекст на содржината на книгата, разговор со гости од странство, духовни ментори Цветковска, и презентација на самата авторка на ова несекојдневно интимно четиво.
Нејзината прва книга „Тело без душа“ е инспирирана од лична болка, но преточена во мудрост која отвора врати кон нови перспективи за животот, болеста и смртта.
„Мојата книга е инспирирана од најдлабоката лична загуба, а тоа е смртта на мојата мајка. Таа истражува теми како договорот на души, изборот на родители и животни околности уште пред нашето раѓање, болеста како духовна лекција и смртта како враќање кон изворот на свеста. Книгата отвора поглед кон животните предизвици не како случајност или казна, туку како дел од повисок план кој ни овозможува раст, освестување и духовна зрелост.“, вели Цветковска.
За авторката: Елена Цветковска – Архитект, основач и автор
Родена и образувана во Македонија, дипломирала архитектура во Скопје. Професионалната кариера ја почнува во Штип, во една од најдобрите архитектонски компании во регионот. Голем дел од објектите во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопје носат нејзин потпис – меѓу нив Van Hool, Vitek и други значајни индустриски и комерцијални комплекси. Работела на проекти од најразличен карактер, од урбанистичко планирање, преку изведбена документација, до комплетно водење на изведбата.
Пред шест години се преселила во Австрија. Нејзиниот професионален пат ја одвел во самиот врв, работејќи директно за клиенти со највисоки стандарди и углед. Денес работи самостојно и продолжува да соработувам со исто толку престижни имиња.
Покрај архитектонската кариера, последната деценија се посветува на истражување и работа на себе преку различни техники – хипноза, комуникација со подсвеста и надсвеста, длабока медитација и други методи за разбирање на умот и нашите внатрешни модели. Во последните години работи со Александар и Надиа, кои ќе бидат присутни и на промоцијата на нејзината книга.
И во архитектурата и во пишувањето, нејзината мисија е иста, да создаде нешто што останува.