Утре (30 септември), со почеток во 19 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи книжевна вечер со истакнатиот поет, филозоф, критичар, антологичар и препејувач, Иван Џепароски. Средбата е посветена на српските изданија на неговите поетски книги „Светлината на Света Гора“ (Светлост Свете Горе, Београд: Граматик, 2018.) и „Град“ (Град, Београд: 2023.). И двете поетски книги се во препев на еден од најголемите афирматори на современата македонска поезија во Србија во изминативе две децении, истакнатиот српски поет, раскажувач и книжевен преведувач, Рајко Лукач (1952-2024).
На настанот, беседа за поезијата на Џепароски ќе одржи директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска, којашто е исклучителен познавач на севкупното досегашно творештво на овој истакнат автор. Со свои видувања ќе учествува и книжевникот и програмски директор на СПОНА – Милутин Станчиќ, а модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Џепароски во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.
Како што е нагласено во текстот на Наташа Аврамовска во Енциклопедијата на македонската книжевност во издание на Институтот за македонска литература, Џепароски е поет ерудит, кој во одделните поетски книги широко долж географските простори и длабоко низ времето на културната историја на човештвото ги распостила координатите на својот поетски свет.