Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе продолжи да води разговори со меѓународните партнери за ставање крај на борбите во Газа и воспоставување палестинска држава.
– Овој договор мора да означи крај на војната и почеток на политичко решение засновано на решението со две држави, изјави Макрон во објава на X.
– Франција е подготвена да придонесе за оваа цел. Ќе разговараме за тоа денеска попладне во Париз со нашите меѓународни партнери, додаде тој.
Британскиот премиер Кир Стармер нагласи дека „договорот сега мора целосно да се имплементира, без одлагање, и придружен со итно укинување на сите ограничувања за хуманитарната помош за Газа која ќе спаси животи.
Тој рече дека ова е момент на длабоко олеснување, особено за заложниците, нивните семејства и цивилното население на Газа, и им се заблагодари на САД, Египет, Катар и Турција за нивните „неуморни“ дипломатски напори.
– Апелираме до сите страни да ги исполнат обврските што ги презеле, да стават крај на војната и да ги изградат основите за праведен и траен крај на конфликтот и одржлив пат кон долгорочен мир, изјави Стармер.
Германскиот канцеларот Фридрих Мерц изјави дека првите чекори од договорот меѓу Израел и Хамас се охрабрувачки. Според него, тие нудат нова надеж за заложниците и нивните семејства, за луѓето во Газа и за целиот регион.
– За прв пат по долго време, постои реална перспектива за мир во регионот. Ги повикуваме сите страни да ги исполнат своите ветувања, да ја прекинат војната и да го отворат патот за траен мир. Германија ќе продолжи цврсто да го поддржува овој процес, напиша Мерц на Х.