Басистот и еден од основачите на американскиот бенд Limp Bizkit, Сем Риверс, почина на 48-годишна возраст, објави групата на социјалните мрежи.
Во објавата стои дека Риверс не бил „само басист“, туку „душата во звукот“ на Limp Bizkit.
„Од првата нота што ја отсвиревме заедно, Сем донесе светлина и ритам што никогаш нема да бидат заменети. Неговиот талент беше без напор, неговото присуство незаборавно, неговото срце огромно“, напишаа членовите на бендот.
Причината за смртта не е објавена.
Limp Bizkit, во состав Фред Дрст, Џон Ото, Диџеј Литал и Сем Риверс, беше формиран во 1994 година. Со својот уникатен спој на хип-хоп и хеви-метал, групата го обликуваше звукот на крајот од 90-тите и помогна да се внесе „heavy“ музиката во мејнстримот.
Нивните најпознати албуми се Significant Other и Chocolate Starfish and the Hot Dog Flavored Water, а хит-сингловите како Take a Look Around и Rollin’ (Air Raid Vehicle) станаа химни на едно поколение.
„Споделивме толку многу моменти – диви, тивки, прекрасни – и секој од нив беше посебен затоа што Сем беше таму“, напиша бендот.
Диџеј Литал, со вистинско име Леор Димант, објави дека членовите се во шок и замоли фановите да ја почитуваат приватноста на семејството на Риверс.