Воздушниот простор над аеродромот „Зевентем“ во Брисел синоќа одново беше затворен за сообраќај околу 40 минути, откако над аеродромскиот комплекс бил забележан дрон.
Според белгиската Контрола на воздушниот сообраќај, воздушниот сообраќај на аеродромот бил прекинат околу 21:20 часот, по што е возобновен нешто по 22 часот.
Контролата информира дека предвидените полетувања од аеродромот биле само времено одложени, додека самое еден од авионите кои летале кон „Зевентем“ бил пренасочен кон Амстердам.
Според редот на летање, за синоќа беа предвидени осум полетувања од „Зевентем“ и 20 слетувања.
Аеродромот во Брисел беше времено затворен за сообраќај во два наврати, од 20 до 21 и од 22 до 23:30 часот, и во вторникот вечерта, отако во воздушниот простор над него беа забележани дронови.
Белгиските медиуми јавија дека има информации оти синоќа неколку дронови биле забележани и „во реонот околу и во непосредна близина“ на воздухопловната база „Флорен“ во јужна Белгија. Информацијата за медиумите ја потврдил градоначалникот на градот Флорен, Антонан Колине, според кого, постојат „сериозни сомнежи“ дека биле видени дронови.
Над базата „Флорен“ дронови беа регистрирани и во вторникот вечерта, нешто по 20 часот. Во базата во „Флорен“ времено се сместени првите четири авиони од типот Ф-35, што неодамна и беа доставени на Белгија. Станува збор за првите од 45-те авиони Ф-35 што Белгија ги нарача од САД за обнова на својата застарена флота на ловци од типот Ф-16.
Претходно, во текот на денот дрон бил забележан и над објектот на Белгискиот нуклеарен истражувачки центар (СЦК) во градот Мол во североисточна Белгија, во близина на границата со Холандија. Дронот го забележал случаен минувач, кој за тоа ја известил локалната полиција.
Нешто подоцна дрон бил регистриран како прелетува и над Европското училиште во Мол.





