Во Театарот за деца и младинци (ТДМ) вечер ќе биде затворено есенското издание на фестивалот „Перформанс платформа 2025“ со изведба на интердисциплинарниот перформанс „CODOMESTICATION“, кој ќе го претстават уметницата Симона Спировска и нејзините деца.
Како што информираат од ТДМ, автори на перформансот се Крот Јурак и Алекс Бејли и нивното мало дете и денес се претставува како дел од турнејскиот концепт „showing without going” во рамки на проектот „(M)others on tour“. Неговата цел е, велат, преку алтернативни модели на циркулација да се преосмисли како уметничкото дело може да функционира во локален контекст без задолжително физичко патување.
– Работните услови во продукцијата овде се клучен предмет на интерес, бидејќи тие одредуваат кој може да создава уметност и под кои околности. Без реобмислување на овие услови, многу гласови – особено оние на мајките и негувателките – ризикуваат да бидат исклучени од културниот пејзаж. Поддршката на мајките во уметноста не е прашање на специјален третман, туку на структурна правда: тоа значи препознавање на грижата како чин на создавање, како кореографија, како труд што го одржува и животот и културата, велат од ТДМ.
Оттаму додаваат дека „CODOMESTICATION“ во Скопје ја разгледува грижата, меѓузависноста и секојдневното договарање како основни драматуршки принципи. Делото, велат, отвора прашања за авторството и одлучувањето, за тоа како се гради креативниот процес кога сцената ја делат возрасни и деца, уметници и негуватели.
Настанот е овозможен со поддршка од Perform Europe, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Фондацијата „Хајнрих Бел“.





