Владата денеска потпиша договори за реализација на инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 97 милиони евра, информираше премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за проекти од висок стратешки интерес за државата.
Договорите се однесуваат на изградба на фотонапонската електрана „Битола 3“ и на ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Според Владата, со овие проекти вкупните инвестиции во енергетиката се приближуваат до 100 милиони евра.
„Со потпишувањето на договорите за фотонапонската електрана ‘Битола 3’ и за ревитализацијата на хидроелектраните испраќаме јасна порака дека енергетиката е еден од клучните национални приоритети и инвестиција од највисок стратешки интерес“, изјави Мицкоски.
Од вкупната сума, 50 милиони евра се обезбедени преку кредит од германската КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.
Премиерот истакна дека во современи услови енергетиката претставува прашање од суштинско значење за националната безбедност, економската стабилност и социјалната сигурност.
„Сигурен, стабилен и сопствен енергетски систем е предуслов за отпорност на економски и геополитички предизвици. Затоа определбата на Владата е систематско и континуирано инвестирање во енергетските капацитети“, нагласи Мицкоски.
Според него, фотонапонската електрана „Битола 3“ е чекор кон модерна, чиста и одржлива енергетика, која ќе придонесе за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизација на енергетскиот биланс на државата.
Истовремено, преку ревитализацијата на постојните хидроелектрани, Владата има за цел да ја зголеми нивната ефикасност и да го продолжи нивниот работен век, што, како што беше истакнато, претставува рационално управување со постојните ресурси.
Мицкоски посочи дека инвестициите ќе имаат и поширок економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници.
Владата упати благодарност до Министерството за финансии и до АД ЕСМ за спроведувањето на проектите, како и до меѓународните партнери – КФВ банка и Европската банка за обнова и развој.
„Ова не е краткорочна мерка, туку долгорочна трансформација. Градиме енергетски систем кој ќе биде отпорен на кризи, усогласен со европските стандарди и ќе обезбеди сигурност за сегашните и идните генерации“, изјави премиерот.







